Претседателот на едното крило на Алијансата за Албанците и довчерашен министер за здравство, Арбен Таравари синоќа изјави дека првиот човек што комуницирал со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, бил сегашниот предлог за негов наследник во Владата, Азир Алиу. Според Таравари, оваа комуникација се случила без негово знаење уште во месец јануари.
„Првиот канал на комуникација со Али Ахмети бил Азир Алиу. Тој почнал да разговара со него во јануари, без мое знаење, а потоа ме информира“, изјави Таравари за „Ора24“.
Таравари нагласил дека е среќен што АА била дел од политичката промена што ја доведе ДУИ во опозиција и додава дека „ДУИ сè уште не се реформирала. Потребно ѝ е време да се реформира“.
Во врска со коалицијата ВЛЕН, Таравари вели дека тоа е нестабилен проект.
„Не функционираше во однос на структурата. Постојано имаше поплаки дека е блокирана. И покрај комуникацијата меѓу лидерите, АА беше како туѓо тело таму“.
Таравари вели дека понудил да се создаде единствена заедничка партија, но оваа иницијатива била одбиена со барање да се почека барем после локалните избори.