
Петина од децата и младите во Германија растат во сиромаштија, а кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот би можела уште повеќе да ја влоши оваа состојба во најсилната европска економија, покажуваат резултатите од студијата на престижната Фондација „Бертелсман“.
Авторите на студијата откриле дека станува збор за 2,8 милиони деца и млади, од кои дури 1,8 милиони – што е еден од седум малолетни лица во Германија – зависат од т.н. основно осигурување, односно социјална помош со која се компензираат приходи на семејствата до со закон пропишаната финансиска граница за опстанок.
Според германските медиуми, ова истражување се заснова на комбинирана мерка за сиромаштија и ги зема во предвид децата од семејства чии приходи се под 60 проценти од просечната плата во земјата.
Како што се наведува, ситуацијата е многу лоша, особено кога станува збор за организирање на слободно време и социјален живот.
Недостапни патувања за одмор
„Велт“ известува дека студијата наведува дека две третини од сиромашните деца не се во можност да одат на одмор со своите родители една недела годишно, но исто така и дека многумина немаат пари да одат во кино, концерт или ресторан еднаш месечно.
„Екскурзиите, размената на студенти или дружењето со други деца во вашиот дом се проблем за многумина“, посочува „Велт“, додавајќи дека авторите на студијата заклучиле дека „децата од посиромашните семејства се во неповолна положба кога станува збор за домашно школување заради пандемијата на коронавирус“, затоа што тие често немаат компјутери или простор во кој можат да учат во мир “.
„Зидојче Цајтунг“ ги цитира зборовите на членот на Одборот на директори на Фондацијата „Бертелсман“, Јоерг Дрегер, кој посочува дека токму заради кризата со короната, решавањето на проблемот со сиромаштијата кај децата треба да биде приоритет на политиката.
„За две третини од децата, сиромаштијата е постојана состојба, која е присутна веќе пет или повеќе години и токму оваа постојана лоша состојба е негативно означување на растот на децата и влијае на целиот подоцнежен живот“, рече Драгер, кој укажува на големи разлики на регионално ниво.
Меѓу 16 германски покраини, најмалку сиромашни деца има во јужните провинции Баварија и Баден-Виртемберг, а најмногу во градовите кои имаат статус на провинции Берлин и Бремен.

Усогласување на работата и семејството
Во интервју за „Тагешпигел“, Juлијана Сејфер, државен службеник во Министерството за семејство, стари, жени и млади, уверува дека владата е посветена на решавање на овој проблем.
„Одделени се дополнителни милијарди евра за зголемување на бројот на места во градинките и две и пол милијарди евра за редовен престој на училиште. Бидејќи, знаеме дека најдобриот начин да се запре детската сиромаштија е да се усогласат семејството и работата, односно кога и двајцата родители можат да работат и да се грижат за децата во исто време“, изјави Сејфер за „Тагешпигел“.
Германските опозициски политичари, како и бројни медиуми, посочуваат дека „нешто не е добро ако во една од најсилната економски земји во светот, повеќе од секое петто дете продолжува да расте во сиромаштија“.
„Нортвест Цајтунг“ посочува дека „фактот што овој број остана речиси ист во однос на 2014 година, ги прави резултатите од оваа студија уште посрамни“.
„Затоа што тоа значи дека политичарите и општеството како целина знаеја за овие бројки. И покрај тоа, не е сторено доволно. Економските перформанси, како и даночните приходи, растат секоја година во Германија, но малку од тоа стигнува до децата“, посочува „Нортвест Цајтунг“ од Одленбург.
„Повеќе деца, поголем ризик“
„Ноје Оснабрикер Цајтунг“ посочува дека самохраните родители и семејствата со три или повеќе деца сè уште се најпогодени од релативната сиромаштија и дека тоа се случува и меѓу средната класа и оние со поголеми приходи.
„Во индустријализираната земја која старее соочувајќи се со ниска стапка на наталитет, треба да биде различно: дека повеќе деца значи помал финансиски ризик. Но, промената на подобро не е на повидок. За жал, семејствата немаат силни лобисти. Има милијарди за сè друго во случај на проблеми, нема само за деца. И, тие се, всушност, системски важни“, истакнува дневниот весник.
„Лудвигсбургер Крејзцајтунг“ наведува дека состојбата со корона кризата е уште полоша, затоа што веќе ниските приходи на родителите во некои случаи се уште пониски, како резултат на намаленото работно време или губење на работата.
„Еве, државата реагираше со еднократен детски бонус од 300 евра за семејства кои добиваат социјална помош, но така што оваа дополнителна исплата не ја намалува нивната исплата на социјална помош. Секако, ова е само капка во океанот“, се наведува во весникот.
Според оценката на „Рајтлингер Генерал Анцејгер“, погрешно е да се верува дека сиромаштијата кај децата може да се бори со индивидуално зголемување на финансиската помош.
„Отежнувачка околност лежи во фактот дека многу деца растат во родителските домови кои не се карактеризираат со љубов, грижа и поддршка, туку со проблеми. Затоа е важно детските градинки и училиштата да бидат целосно отворени што е можно поскоро“, се истакнува во дневниот весник.