„Секогаш има два дела – опозицијата ќе го чита негативниот, а власта позитивниот“: Каков ќе биде денешниот извештај на ЕК за напредокот на С. Македонија?

од Nikola Popovski
430 прегледи

Денеска точно на пладне, Европската комисија ќе ги објави извештаите за напредокот на 10 земји-кандидатки за членство во Европската Унија, а Украина, Молдавија и Грузија, земји од таканареченото источно партнерство, годинава ќе им се придружат на кандидатите од Западен Балкан и Турција. Како што налага процедурата, шефовите на кабинетите на европските комесари во понеделникот разговараа за годишните извештаи за Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина, Турција, Украина, Молдавија и Грузија, а некои од нивните одлуки со оценките протекоа во медиумите.

Годишниот извештај на Европската комисија е најважниот документ за секоја земја која претендира за членство во Европската унија (ЕУ) и претставува слика за состојбата во сите клучни полиња каде што е неопходен напредок за процесот на пристапување. Дел од домашната јавноста со нетрпение го очекува извештајот. Новинарот и публицист со долгогодишно искуство, Ерол Ризаов објаснува дека има два дела во тие извештаи – опозицијата ќе го чита негативниот дел, а власта ќе го чита позитивниот дел. Во разговор за „Локално“ истакнува дека во сите досегашни извештаи е така.

Ерол Ризаов

-Можеби сега ќе има некоја промена во корист на државата поради настаните во светот и ветувањето за членството, но тоа пак нема прецизни. Мораме да почекаме за да видиме, истакнува Ризаов околу очекувањата.

Истакнува дека ќе бидат прикажани делови кои се позитивни, каде што има подобрување и на кои ќе се потпре владеачката гарнитура, но и делови кои содржат критички ставови, работи кои не се почнати или се одвиваат, а не се завршени.

-На нив ќе се фати опозицијата и ќе го имаме тој амбиент во државата, кратко ни рече соговорникот.

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски оценува дека работите нотирани во извештајот на ЕК за напредокот на Македонија и останатите земји кандидати од Западен Балкан ќе биде реален,односно ќе биде вистински оценет напредокот на земјите во односните сфери и состојбите кои треба да се подобрат ,особено во сферата на корупцијата и организираниот криминал.

-Сепак , одлуката за нас останува поради политичките причини,односно зависи експлицитно од внесот на Бугарите во Уставот,за да го отвориме првото поглавје. Ако не го направиме тоа, да добиеме и најпозитивен извештај од ЕК, тоа нема, за жал да се ефектуира на практика, ако не се изгласаат уставните измени, вели Атанасоски за „Локално“.

Околу датумот 2030 година како евентуален за наше членство во Унијата, аналитичарот е скептик бидејќи, како што вели, малку е нереално и наивно да очекувате, при ситуација кога 18 години чекате на почетокот на преговорите со ЕУ, да ги завршите за само 6, а имате за преговарање на 36 поглавја со различни односни сфери и да се реформирате за да ги исполните критериумите и да заличите на западноевропска земја.

-Особено што и интензитетот на проширување на ЕУ после приемот на Хрватска во 2013 та, реално постои застој и намалување на степенот на приемот на нови земји членки. Самата ЕУ покажува замор од проширувањето и тоа се гледа низ примерот со Србија,Црна Гора, Албанија и Македонија, истакнува тој.

Во анкетата на Евротинк – Центар за европски стратегии објавена во октомври, 60,8 проценти од испитаниците рекле дека ЕУ е најдобрата алтернатива за Македонија, но 55,8 проценти рекле и дека односот на ЕУ е нефер, надмен и уценувачки. Соговорникот смета дека бројката меѓу граѓаните ќе опаѓа и тоа ќе биде проблем со Холандија, која е најсензитивна земја членка на ЕУ во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

-Ако ги изгласаме уставните измени, потоа може да се соочиме со вето од Холандија во однос на ова прашање,ама ќе немаме морално право да се жалиме и негодуваме,бидејќи тоа ќе биде вистинско принципиелно вето од страна на влијателни земја членка на ЕУ во однос на фундаменталните обврски, а тоа е владеењето на правото и казнивост на корупцијата кај високопрофилирани носители на јавна функција, анализира Атанасоски.

Оценува дека Македонија досега беше полигон за тестирање на непринципиелните барања и уцени на земји членки на ЕУ во однос на нејзиниот пат кон ЕУ сега, и НАТО порано.

Благојче Атанасоски

Го сменивме уставното име за севкупна употреба, под притисок на Грција и сега имаме нови идентитетско-историски барања од страна на нашиот источен сосед,кои се надвор од рамките на Копенхагенските критериуми. Со право македонските граѓани се разочарани, фрустрирани и зошто расте кај нив евроскептицизмот. Дури и овој процент на поддршка според мене е висок со оглед на тоа што се се бараше од нас во изминативе повеќе од две децении на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ, ни кажа политичкиот аналитичар.

Околу дилемата дали наместо консензус да се воведе квалификувано мнозинство а земјите членки да имаат право на вето само при конечната ратификација на пристапување и тоа да биде решение за сопирачките со кои се соочува земјава, Атанасоски истакнува дека за таква промена ќе треба да има пак консензус од сите 27 ЕУ земји членки, а против тоа ќе гласаат земји како Бугарија, Унгарија, Полска и други кои ветото го користат како алатка за задоволување на нивните себични национални и државни интереси внатре во телата и органите на Унијата.

-Сепак овој принцип на вето кој Бугарија го злоупотреби кон нас, се искористи и врз грбот на Бугарите од страна на Австрија и Холандија во однос на Евро и Шенген зоната за прием на Бугарија и Романија во овие две организации кои се дел од европското континентално интегрирање, укажува тој.

Аналитичарот порачува дека Албанија ќе се одвои од пакетот со Македонија на патот кон ЕУ и тоа ни го кажаа отворено, без дипломатски ракавици сите европски претставници. Вели дека Албанија беше колатерална штета на бугарското вето кон нас.

-Сега кога скрининг процесот завршува, ќе биде многу непринципиелно и неодговорно кон албанските граѓани доколку и овој пат бидат блокирани од ЕУ земји членки,поради тоа што ние и понатаму не може да ги почнеме преговорите, заклучува Атанасоски.

Н.П.

Слични содржини