Ќерката на починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, Даша Навална, се огласи на Инстаграм на денот на погребот на нејзиниот татко и се прости од него со емотивни зборови.
„Сите велат „моите родители се мои примери“. Иако, во мојот случај тоа е вистина. Тато, ти беше пример за многумина низ светот. Твојот оптимизам и заразна, искрена насмевка. Твојата љубопитност и жед за ново знаење. Твојата извонредна способност да се поврзеш со секого. Смисла за хумор. Отпорност. Способност да најдеш вистински зборови во вистинско време (или шега за подигнување на расположението во тешки ситуации). Твојата добрина. Верба во добрината, во себе, во луѓето. Од детството ме научи да живеам по принципи. Да се живее достоинствено. Ти го даде животот за мене, за мама, за Захар, за Русија и ти ветувам дека ќе го живеам животот како што ме научи, за да се гордееш со мене, и што е најважно, со еднакво светла насмевка на моето лице. Секогаш ми беше и ќе бидеш пример за мене. Мојот херој. Мојот татко. Те сакам многу. Почивај во мир“, напиша Даша на својот Инстаграм.
Даша на својата социјална мрежа објави фотографија на која таа и нејзиниот татко се прегрнати и насмеани.
Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални беше погребан денеска во Москва.
Потсетуваме, Алексеј Навални почина откако, како што соопштија затворските власти, се онесвестил по утринската прошетка во затворската колонија, по што неуспешно бил реанимиран.
Навални отслужуваше 30-годишна затворска казна, меѓу другото, за, како што е наведено во една од пресудите на рускиот суд, основање и финансирање на екстремистичка организација и нејзини активности, а беше познат и како остар критичар на Кремљ и рускиот претседател Владимир Путин.