Во политиката никогаш не постои точка, туку единствено запирка, вели министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за тоа дали повторно би соработувал со неговиот поранешен сопартиец и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
-Јас поддржувам и секогаш сум отворен за соработка со сите што ги споделуваат истите вредности како што ги споделува и СДСМ, додава Спасовски во синоќешното интервју на МТВ.
Прашан за тоа дали чувствува одредена одговорност поради инсистирањето на претходните локални избори Димитриевски да не биде кандидат на СДСМ што се испостави како погрешна проценка бидејќи тој го победи кандидатот на СДСМ, Спасовски одговори дека тој инсистирал Максим Димитриевски да не биде кандидат во 2017 година, а не во 2021 година, кога одлуката да не го поддржат ја донеле партиските органи.
Партијата на Максим Димитриевски, градоначаланик на Куманово, „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“ синоќа беше промовирана во Скопје со потпишување на Иницијативата за формирање нов субјект.
Во своето обраќање Димитриевски порача дека мототo на партијата е „Од граѓаните за граѓаните“, а основна цел ќе биде да ги обедини граѓаните и да ја врати земјата на вистинскиот пат, со одржива економија.
-Ја потпишав со овие горди и достоинствени луѓе оваа иницијатива за формирање на нов политички субјект Граѓанско движење Знам за наша Македонија заедно со овие одважни луѓе и со ваша поддршка. И нашата основа цел е да се вратиме на темелите на нашата државност, тоа што во континуитет го газат. Илинденците и АСНОМ-ците тие ќе ни стојат како сенка, а ние ќе газиме напред заедно со граѓаните на Македонија и притоа нема да делиме никој, ниту по вера, ниту по етнос, ниту пак по припадност, туку ќе бидеме обединети сите за Македонија. Но, притоа на тој пат ќе мора и да учиме особено ние Македонците, да учиме од нашите сограѓани Албанци да постигнеме национален консензус на македонскиот народ во оваа држава. Инаку, ако не го направиме тоа ќе не нема драги мои пријатели. Бидејќи како што велат, ножот е дојден до коска, рече Димитриевски.
Тој посочи дека целта не е да бидат опозиција, туку освојување на власта од која позија првиот чекор што ќе го направат ќе биде да го поништат Кривичниот законик кој беше донесен со европско знаменце, нзаради тоа што е неправеден, оти, вели, еден висок функционер одговара многу помалку отколку еден граѓанин којшто се огрешил од законот.