Секој има право да седи во кафеана со кого сака, вели лидерот на ЗНАМ за фотографијата на Црвенковски со носителката на советничката листа од Охрид

Не може лажен социјалдемократ како Филипче да ја води социјалдемократијата во Македонија, рече Димитриевски.

од Vladimir Zorba
7 прегледи

Секој има право со кого сака да седи во кафеана, вели лидерот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, коментирајќи ја фотографијата која се појави во медиумите, а на која се прикажани поранешниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски и носителката на советничката листа од ЗНАМ за Охрид и кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков.

-Со Црвенковски сме добри пријатели. Тој е еден од основоположниците на СДСМ и човек кој го почитувам. Добар дел од луѓето во ЗНАМ се поранешни членови на СДСМ, разочарани од тоа што денес се случува во таа партија. Секој има право со кого сака да седи во кафеана, изјави Димитриевски за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Тој притоа покажа фотографија од актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, снимена во времето кога бил советник на министерот за здравство Никола Тодоров во Владата на Никола Груевски.

-Жалам што СДСМ дојде до ова дереџе – човек со милион афери, со златна виза за Дубаи, со луксузирање на јахти, кој се продава за чесна душа, денес ја води таа партија. И уште прави алузии на зборовите на Црвенковски – ‘или си СДСМ или не си’. Можеби тој наскоро ќе си замине, но сите тие што денес ја водат партијата треба час поскоро да си одат. Не може лажен социјалдемократ како Филипче да ја води социјалдемократијата во Македонија, рече Димитриевски.

Лидерот на ЗНАМ потенцираше дека СДСМ за него е завршена приказна и дека ЗНАМ е автохтоно и автономно политичко движење.

Димитриевски, кој е актуелен градоначалник на Куманово и влегува во трката за нов мандат, очекува убедлива победа уште во првиот круг закажан за недела.

– Јас не сум градоначалник на партија, туку градоначалник на сите граѓани. Работам за доброто на сите нив. Очекувам убедлива победа уште во првиот круг, а доколку има втор круг – очекувам поддршка од сите гласачи, без разлика кого поддржале претходно, вклучувајќи ги и некои од политичките партии на Албанците, како партнерот во власта „Вреди“, бидејќи тие не ги носат гласовите во џеб, рече Димитриевски.

Слични содржини