Секој по свој пат или останува коалицијата: „ВЛЕН ќе згреши ако тера инает со Таравари бидејки тој и АА се локомотива во коалицијата“

Касами, Меџити и Ибраими го имаат решението во свои раце: „ВЛЕН со Таравари ќе има надеж за победа на локалните избори“

од Nikola Popovski
402 прегледи

Крилото на Алијанса за Албанците, предводено од Арбен Таравари денеска треба да соопшти дали ќе учествува на локалните избори како дел од коалицијата ВЛЕН или ќе тргне по свој пат. Таравари смета дека во одредени општини, каде што доминира албанското население, неговата партија би можела да добие повеќе гласови доколку настапи сама, а не како дел од коалицијата. Министерот за здравство смета дека неговото крило може да оствари добар резултат во општините Дебар, Сарај, Гостивар, Боговиње…Иако лично тој тврди дека не остварил разговори со ДУИ и немал контакти, дел од медиумите вчера објавија дека двете „завојувани“ крила на АА може да се спојат. Наводно се водат неформални разговори меѓу претставници на Зијадин Села и Таравари за зголемена комуникација што се гледа како сигнал за потенцијално приближување пред турбулентниот предизборен период.

Назад во старото јато?

За дел од аналитичарите во земјава, локалните избори се разликуваат од парламентарните и познавачите сметаат дека во албанскиот политички блок се знае која партија колку тежи, како е структурирана и како е раширена на терен. За поранешниот пратеник Зуди Џелили, покрај ДУИ, втора партија кај Албанците е АА со Таравари, која што, како што вели, има инфраструктура низ цела територија каде живее албанско население. Соговорникот смета дека Таравари направи потез да се обедини албанската опозиција со тоа што одлучи да коалицира со ВЛЕН и да добијат 14 мандати.

Зуди Џелили

-Села со дел од структурите останаа неорганизирани и затоа се приклучија кон Европскиот Фронт заедно со ДПА и други мали партии на помалите заедници. Според мене Таравари е добар политичар кој не се брза со неумерени изјави. Мислам дека тој е во тек со сите случувања и точно знае како да делува. Можноста за соработка со повеќе политички партии на локални избори е реална и голема вистина – тој ја потенцираше, а другите не можеа да го сфатат. На пример, во некои општини ќе треба помош од турската, ромската или бошњачката заедница и треба и може да договара коалиција и со нив, вели Џелили за „Локално“.

Од друга страна, екс-пратеникот очекува дека сите албански партии во одредени општини ќе мора да настапат со заеднички листи за да има советници-Албанци во општини каде се до 20%.

-Така да овие специфики на различности на региони и општини може да го знаат само тие што го штитат интересот на граѓаните што ги застапуваат. ВЛЕН ќе згреши ако тера инает со Таравари, бидејки тој и АА се локомотива во таа група на партии. Ако тој оди сам, има широк спектар на можности за разни соработки што не исклучува ниту една политицка партија, наведува Џелили.

Во политиката, бројките и математиката се важни. Во ВЛЕН има политички партии кои гласовите ги бројат со трицифрени бројки. Според политичкиот аналитичар и новинар, Дритон Зенку, јавните анкети покажуваат дека АА е 3 спрема 1 во споредба со сите други партии во коалицијата.

-Ако другите партии сакаат да ја имаат AA во коалицијата, тие мора да ги направат своите договори во согласност со изборната моќ. Внатрешните и јавните истражувања покажуваат дека AA е половина од ВЛЕН. Касами, Меџити и Ибрахими решението го имаат во свои раце. Или ќе ја делат власта според силата што ја имаат или ќе се соочуваат со заминување на Таравари од коалицијата. Јасно е дека коалициите даваат повеќе гласови, но и партискиот интерес ја диктира играта. ВЛЕН без Таравари ќе се преполови, а со Таравари ќе има надеж за победа на локалните избори, оценува Зенку во разговор за „Локално“.

Дритон Зенку

Околу можно спојување на Таравари и Села, соговорникот посочува дека нема бариери за повторно обединување на АА.

-Арбен Таравари во последното интервју за новинската агенција Флака, можноста ја остави отворена. Ниту од страната на Села нема јасен одговор дека нема да се даде можност за обединување. Но, мислам дека тоа нема да се случи, бидејќи, во моментов и со оглед на актуелната политичка ситуација, нема интерес за такви комбинации од двете страни, истакнува аналитичарот.

За Зенку, политичката алергија кон ДУИ ја создава дел од политичките партии и населението. Наративот против ДУИ го креираат политичките противници. Но во различни периоди, оценува тој, сите партии што се денес во ВЛЕН, едно време владееле преку ДУИ.

-Гласовите кои велат дека Таравари треба да го слуша гласот на народот се популизам. И ДУИ има поддршка од народот, а анкетите покажуваат дека речиси една година откако премина во опозиција, нејзиниот рејтинг расте, а не паѓа. Таравари има право да соработува со кого сака, ако тоа го гледа како партиски и национален интерес. Другите реторики не се реални. Оние кои денес зборуваат за каузи, до вчера соработуваа со ДУИ, повикувајќи се на националните и евроинтегративните интереси на земјата. Доколку Таравари го најде интересот на структурата и активистите на АА за ВЛЕН, таква дебата немаше да се поттикне во оваа коалиција. Партиите со еден автобус со активисти треба да ја знаат својата моќ и да склучуваат искрени партнерства наместо да ја искористат можноста. Дури и во бизнисот, акционерите имаат акции онолку колку што придонеле, заклучува Зенку.

Лидерот на Демократското движење, Изет Меџити, кој е дел од ВЛЕН, рече дека сака коалицијата да остане обединета, додавајќи дека Таравари, доколку Алијансата за Албанците излезе од коалицијата, ќе мора сам да излезе на избори или ќе заврши во „канџите на ДУИ“.

„Заради заедништво, сме фокусирани на следната победа. Тоа значи дека го добивме првото полувреме, сега е второ полувреме ако го сфатиме како фудбал и кој нема реприза. Сега е време да ги освоиме општините за да ја докажеме својата легитимност како ВЛЕН и мислам дека немаме комфор да се мериме едни со други, да се натпреваруваме меѓу себе“, кажа синоќа Меџити.

Превирањата во коалицијата почнаа откако лидерот на едното крило на Алијанса излезе со став дека можеби е подобро секоја партија да оди сама на изборите. Тоа ги налути лидерите на партиите кои се дел од ВЛЕН кои отворено побараа од Таравари да одлучи дали ќе остане со нив во Владата или ќе ја напушти коалицијата.

Н.П.

Слични содржини