„Секој што ќе влезе, мора да умре“: Израелски војник зборува за грозоморите во Газа и убивањето цивили

Тој тврди дека цивилите се убивани по случаен избор и дека правилата на дејствување се нејасни.

од desk2
33 прегледи

Во еден од навистина многу ретките настапи од тој вид, израелски резервист за телевизијата „Скај Њуз раскажува дека во текот на неговите три распоредувања, неговата единица честопати добивала наредби да пука на секого што ќе влезе во подрачјата што војниците ги означиле како забранети зони – без разлика дали претставувале закана или не. Тој тврди дека цивили биле убивани каде и да се појавеле.

„Имаме територија што ја контролираме и наредбите се: секој што ќе влезе, мора да умре. Ако се внатре, опасни се – мораш да ги убиеш. Не е важно кои се“, објаснува анонимниот војник.

Тој тврди дека цивилите се убивани по случаен избор и дека правилата на дејствување се нејасни, а наредбите за отворање оган постојано се менуваат, во зависност од командирот.

Анонимниот војник е резервист во 252. дивизија на Одбранбените сили на Израел (IDF). Два пати бил распореден во коридорот Нецарим – тесен појас во централна Газа кој израелската војска го отвори на почетокот на војната за да ја подели територијата на Газа заради полесна контрола врз внатрешноста на палестинската територија.

Раскажува како кога биле стационирани на работ на една цивилна населба, војниците спиеле во куќа на протерани Палестинци и „поставиле“ невидлива граници околу неа – забранета зона за Газа.

„Во една од куќите во која бевме, имавме голема територија. Беше најблиску до цивилниот кварт, во кој живееја луѓе. И постоеше една имагинарна линија за која ни рекоа дека сите луѓе во Газа знаат дека не смеат да ја преминат. Но како би можеле да знаат?“, се чуди тој.

Луѓето што ќе ја поминеле таа засмислена граница, бивале застрелувани, тврди анонимниот израелски резервист.

„Како Дивиот Запад“
Војникот вели дека меѓу војниците преовладувало верувањето дека сите жители на Газа се терористи – дури и кога станувало збор за очигледно ненаоружани цивили. Таа перцепција, вели тој, не се доведувала во прашање и била често потсилувана од командантите.

„Не ти кажуваат дека цивили би можеле да ти се приближат. Бев на патот Нецарим и ни беше кажано: ако некој дојде тука, тоа значи дека не смее – и ако сепак дошол, тоа значи дека е терорист! Тоа ти го кажуваат“, вели тој, додавајќи: „Но не мислам дека тоа е вистина. Тоа се само сиромашни луѓе, цивили, коишто немаат многу избор“.

Соговорникот на Скај Њуз наведува дека правилата за употреба на сила постојано се менувале, оставајќи ги цивилите на милост и немилост на расположението на заповедниците.

„Можеше да бидат застрелани, можеше да бидат заробени. Зависи од денот, од расположението на командирот“, вели анонимниот резервист.

Тој опишува еден случај кога еден маж ја минал замислената граница и бил застрелан. Малку подоцна истиот ден, друг човек што пришол до телото бил уапсен. Неколку часа подоцна, наредбата повторно се променила: Да се пука во секој што ќе ја мине `имагинарната линија.

Суров менталитет и системска нечуствителност
Во друг инцидент, неговата единица била стационирана близу населбата Шуџај во градот Газа. Таму видел Палестинци како собираат старо железо и соларни панели од зградите во „забранетата зона“.

„Таму сигурно немаше терористи. Секој командир може самиот да одлучи што ќе прави. Тоа ти е како Дивиот Запад. Некои командири може да се решат да вршат воени злосторства и влакно од глава да не им фали“, појаснува резервистот, откривајќи дека неговите соборци во Газа верувале дека „нема невини“ и се повикувале на нападот од Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени околу 1 200 Израелци, а 250 беа киднапирани.

„Велеа: `Тие луѓе не сториле ништо за да го спречат 7 октомври, сигурно се радувале кога нѐ напаѓаа. Заслужуваат да умрат“, цитира разочараниот израелски резервист, велејќи дека „не чувствувале милост кон нив“.

Тој нагласува оти уверувањето кај неговите колеги по оружје било дека всушност прават нешто добро.

„Мислам оти многумина навистина веруваа дека прават нешто добро. Во нивната свест, тие луѓе не се невини“, нагласува резервистот.

Законот на молчење и внатрешниот немир
Во Израел е реткост војници јавно да ја критикуваат војската, која се смета за столб на општеството и обврзувачко нешто за Евреите во Израел. Служењето војска го обликува идентитетот и општествениот статус, а оние што ќе проговорат, биваат изопштени.

Војникот вели дека не сака да биде откриен неговиот идентитет, оти се плаши дека ќе го сметаат за предавник или пак заедницата ќе го отфрли. Сепак, чувствувал потреба да проговори.

„Имав чувство оти учествував во нешто лошо и дека морам тоа да го исправам говорејќи ја вистината. И понатаму ме мачи она од што бев дел, како војник и граѓанин на оваа земја“, вели тој.

Анонимниот резервист е убеден дека актуелната војна е многу лоша работа и за Израелците и за Палестинците.

„Мислам дека оваа војна… е многу лоша работа, и за нас и за Палестинците и мислам дека мора да се заврши“, вели израелскиот војник.

„Во израелското општество многу е тешко да се критикуваше себеси и својата војска. Многумина луѓе не ни разбираат на што се согласуваат. Мислат дека војната мора да се вода и дека мораме да ги вратиме заложниците, но не ги разбираат последиците.
Мислам дека кога би знаеле што всушност се случува, многумина тоа не би можеле да го поднесат и не би се сложиле со тоа. Се надевам дека моето сведочење ќе помогне да се сменат работите“, вели анонимниот разочаран резервист.

Слични содржини