Секоја година е поалармантно со корупцијата и судството, но ништо не се презема: Извештајот на ЕК – „магарешка клупа за Владата“

Брисел со речиси ист извештај за Македонија, но и државата со „иста песна“ околу реформите и напредокот

од Nikola Popovski
66 прегледи Фото: Фејсбук профил на Делегација на ЕУ во Македонија

Ограничен напредок во владеењето на правото, иако е постигнат значителен напредок во реформите и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ, но нема направено напредок за уставни промени, што се услов за натамошна интеграција-ова стои во Извештајот за напредокот на Македонија за 2025-та. Извештајот нагласува дека треба да се засилат напорите за заштита на независноста на судството и борбата против корупцијата, реформите на јавната администрација, унапредување на фундаменталните права, заштита на малцинствата и слободата на изразување. Во Извештајот се нагласува потребата за добронамерно спроведување на билатералните договори со Грција и Бугарија.

Најниска оценка Македонија доби за судскиот систем, каде што стои дека воопшто „нема напредок“  во обезбедувањето европски стандарди во оваа област. Попрецизно, ЕК оценува дека целокупната независност и финансиска автономност на судството се поткопани со мешањето и притисокот од други државни органи, вклучувајќи ги и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставки, покрај ограничувањето на  финансиските сретства. Корупцијата останува причина за „сериозна загриженост“, се наведува во Извештајот.

Извештајот многу прецизно ги опиша слабостите на земјава на патот кон ЕУ. Експертите од земјава сметаат дека секоја година е алармантно, но ништо не се презема.

-Дека работите во борбата со криминалот и корупцијата не одат на добро знаат сите. Дека Владата сосема погрешно отвори војна со судиите и обвинителите наместо да ги помогне е јасно за секој што барем малку се разбира во правната држава, констатира универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев во изјава за „Локално“.  Тој го опишува Извештајот со зборовите: „магарешка клупа за Владата“.

Покрај тоа, додава Калајџиев, очигледно е дека борбата на извршната власт со корупцијата и споменатите судири со судската власт се низ партиска призма „наши-нивни“.

Гордан Калајџиев

-Измените во Кривичниот законик нема многу да помогнат затоа што не важат ретроактивно и нема да имаат брзи ефекти. Клучно е сега на чело на ЈО и на ДКСК да дојдат непартиски професионалци. Дали тоа ќе се случи, не верувам, оценува проф. Калајџиев.

Со сличен став и екс-претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. Според неа, нема изненадување околу Извештајот.

-ЕК правилно си ги детектирала сите состојби во државата. Дај боже да биде аларм, ама колку аларми поминаа, а ние останавме и државата ништо не презема. Се согласувам со оценката, ја отсликува состојбата во државата, прекрајно време е веќе. Многу се спори реакциите или речиси се никакви. Додека сами не се соочиме со фактите и реалноста и сами да си ја дадеме оценката и да фатиме како што треба, ништо не бива. Се дотогаш е префрли топка на другиот, вели Ивановска во изјава за „Локално“ и додава:

Билјана Ивановска

-Ја опоменуваат ЕК дека не презема соодветни активности, како може тоа?

За Кривичниот законик, додава Ивановска дека заедно го донесоа и двете страни – „едните држеа стража, додека другите гласаа“. Што сакаш ти од таква Влада? Секоја и оваа и претходната – исти ѓавол. Што направи оваа Влада повеќе од другата? Ништо. Обвинителството ништо не презема, потенцира Ивановска.

За време на средбата во претседателскиот кабинет, евроамбасадорот Михалис Рокас ги нотирал главните проблеми со кои се соочува државата, како и промените кои се очекуваат од неа.

„Соговорниците констатираа недостаток на прогрес во владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот, како и судството, истакнувајќи ја потребата од максимални напори за реформи во овие области. Беа поздравени позитивните резултати во рамките на Планот за раст, реформата на јавната администрација, како и успесите во Кластерите 3,4,5 и 6“, соопштија од Кабинетот на Гордана Сиљановска-Давкова.

Претседателката имала забелешки на дел од констатациите во Извештајот на ЕК кои се однесуваат на првиот кластер „Фундаментални вредности“, а дополнително, укажала на потребата евалуацијата за напредокот да биде заснована врз Копенхашките критериуми, а не врз политичките услови со кои се соочува земјата две децении.

„Македонија ја задржа целосна усогласеност со европската одбранбено-надворешна политика и ја продолжи техничката работа на планот за реформи, но земјата не направи решителни чекори за напредок во пристапниот процес со уставни промени во изминатава година, што мора да ги направи согласно со заклучоците на Европскиот совет од 2022-ра година, за да напредува на патот кон ЕУ“, изјави еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

-Прозорецот за проширување е тука, искористете го, повика шефицата на европската дипломатија Каја Калас. Оцени дека целта за нови членки до 2030-та е остварлива, но кандидатките мора да усвојат трајни реформи. За Македонија повтори дека нема напредок во пристапниот процес.

ЕУ веќе се подготвува за нови членки, но и постепена интеграција на кандидатките во одредени области пред членството. Во наредната година, од кандидатките очекуваат реформи што ќе бидат трајни и навистина ќе го трансформираат општеството и економијата.