Секоја одлука на Мицкоски ќе ја почитувам, вели Јаневска запрашана за евентуална нејзина смена во Владата

Јаневска околу нејзино евентуално разрешување: „Полно право е на премиерот, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот“

од Nikola Popovski
49 прегледи

Запрашана за реконструкцијата на Владата и дали нејзиното име е едно од тие што ќе ја напуштат министерската функција, министерката за образование и наука, Весна Јаневска порача дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот Христијан Мицкоски.

-На ова прашање веќе неколку пати сум одговарала и ќе го повторам истото што сум го кажала и минатото. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, полно негово право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како влада или кого ќе предложи како министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам“, рече Јаневска на новинарски прашања пред отворањето на конференцијата „Науката како патоказ во време на промени“.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека евентуална реконструкција на Владата би се планирала по партискиот Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на декември, но потврди дека коалицијата ВЛЕН нема да добие плус едно министерско место.

-Нормално е дека јас ќе го имам последниот збор како мандатар. Не знам кој зборува, но реконструкција не се прави само за да се реконструира. Треба добро да се размисли дали тоа ново кадровско решение кое би дошло, би било подобро од претходното. Тоа е процес на сериозна анализа. Јас сум подготовен да седнам и разговарам со сите чинители во Владата, кажа премиерот при поставување на камен темелник на изградба на нов Културен дом во Општина Петровец.