Секојдневното вежбање во исто време може да има значително влијание врз здравјето

од Stefanija Kuzmanovska

Можете лесно да го подобрите режимот на вежбање, обидете се да вежбате секој ден во исто време.

Нова студија врз лабораториски глувци сугерира дека редовното вежбање носи повеќе здравствени придобивки.

Иако постои централен телесен часовник во мозокот сместен во супрахијазматичното јадро, сместен во базалниот дел на предниот хипоталамус, постојат и други периферни телесни часовници. Супрахијазматичното јадро е важно бидејќи го регулира деноноќниот ритам.

Нашиот централен часовник ЦНС (централниот нервен систем) делува како главен „пејсмејкер“ за производство и одржување на деноноќниот ритам низ телото. А вежбањето може да ги ресетира периферните телесни часовници во зглобовите и ‘рбетот, според истражувањето на научниците од универзитетот во Манчестер.

Ако ова „ресетирање“ се случува во исто време секој ден, периферните часовници би можеле да бидат повеќе синхронизирани со главниот, откриле истражувачите.

Претходните истражувања покажаа дека несинхронизираните часовници во периферните ткива може да го зголемат ризикот од развој на здравствени проблеми како што се дијабетес и кардиоваскуларни болести, пренесува Science Alert.

„Нашите резултати покажаа дека утринската физичка активност е поврзана со дневните обрасци на циклусот на спиење/будење и ги пренесува информациите за времето од централниот часовник на мозокот чувствителен на светлина до скелетното ткиво кое носи тежина. Тоа всушност испраќа сигнал до вашиот скелетен систем дека е време да се разбудите“, објасни Чинг-Јун Менг, хронобиолог од универзитетот во Манчестер.

За потребите на студијата, научниците ги следеле периферните часовници во ‘рскавицата, ‘рбетот и мозокот на глувците додека тие вежбале на траки за трчање во различни периоди.

Веќе е познато дека областите на зглобовите и ‘рбетот се особено активни при физичка активност, а познато е и дека од нив се исфрла вода во текот на денот.Тоа делумно ги ресетира периферните телесни часовници секој ден.

Тимот научници откри дека физичката активност покрај процесот на осмоларност (намалување на водата) дополнително ги ресетира овие часовници и, доколку се изведува на конзистентен распоред, го подобрува тајмингот на часовниците на телото.

Резултатите допрва треба да се потврдат кај луѓето, но научниците веруваат дека е вклучен сличен ефект.

Здравјето на коските и зглобовите влијае на сè во нашето тело – од тоа колку добро настапуваме во спортот до веројатноста за повреда или развој на состојби како артритис.

Слични содржини