Секретарот на Општина Тетово, Дарко Коцевски преку социјалната мрежа Фејсбук се огласи во врска со написите и шпекулациите кои се појавија за него каде го поврзуваат дека тој го потпишал решението за уривање на крстот на Попова Шапка.
Тој како што вели дека како секретар на општината ниту има овластување ниту ингеренции да потпише нешто такво, туку тоа го прават инспектори кои се самостојни во нивно одлучување.
-Се чувствувам должен да се обратам на јавноста и да реагирам по повод безобразните лаги и дезинформации кои овие денови недобронамерници преку прес конференции и портали, свесно ги шират против мене, а се со цел да ме инволвираат во своите нечисти политички интриги, со цел предизвикување на меѓуверски и политички тензии. Сакам да потенцирам дека како секретар на Општина Тетово, немам ниту донесено ниту потпишано какво било решение за отстранување на крстот во дворот на Манастирот на Попова Шапка. Воедно сакам да разјаснам, дека јас како секретар на општината ниту имам овластувања ниту ингеренции да донесам такви управни акти согласно Законот за инспекциски надзор, туку овластените градежни инспектори се самостојни во своето постапување, се вели во ставот на Коцевски.
Тетовско-гостиварска епархија неделава информираше добила решение од Општина Тетово за отстранување на крстот, поставен на црковен имот на Попова Шапка. Оттаму најавија дека ќе поднесат жалба.
Крстот на Попова Шапка беше поставен на 16-ти ноември на земјиште сопственост на МПЦ-ОА и храмот „Св. Наум Охридски Чудотворец“. Од Црковниот одбор посочија дека е поставен како верско обележје и претставува урбана опрема.