Во пресрет на одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници, сексуалните работници, здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот, заедно со ХОПС-Опции за здрав живот Скопје, во рамки на овогодинешната кампања „5353 денови до правда”, ја известуваат јавноста дека ќе се одржи 16-тиот МАРШ НА ЦРВЕНИТЕ ЧАДОРИ во Скопје.
Традиционалниот Марш на црвените чадори ќе се одржи на 15.12.2023 (петок) со почеток во 12:00 часот. Маршот ќе започне на платото пред Спомен куќата на Мајка Тереза на ул. „Македонија” и ќе заврши на плоштадот „Филип II”. Пред почетокот на маршот, претставници на заедницата и организаторите ќе дадат изјави за медиумите.
-Оваа година, по 16-ти пат гордо ќе маршираме на улиците истакнувајќи дека иако можеби е бавна, сепак правдата постои и на крајот може да биде задоволена.
Со овогодинешната кампања „5353 денови до правда”, одбележуваме 15 години од сензационалистичката полициска акција „Сузбивање на улична проституција” од страна на Министерството за внатрешни работи, во која беа приведени 23 сексуални работнички и на кои им беше повредено правото на приватност со јавно споделување на нивни фотографии на веб-страницата на МВР. Долгогодишната правна битка за правда на сексуалните работнички по полициската акција „Сузбивање на улична проституција” во ноември 2008, најпосле заврши со пресуда на ЕСЧП во 2023 година, по жалбата поднесена во 2017 година и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови, велат од здружението СТАР.