Претседателот на едното од трите крила на Алијансата за Албанците, Зијадин Села ги повика судиите на Уставниот суд брзо да ја разгледаат иницијативата што ја поднесоа од неговата партија и да се спротивстават на проектот „Безбеден град“.
Села, исто така, ги повикува граѓаните да бидат внимателни и да имаат трпение додека не се добие, како што вели, битката против дискриминаторскиот проект.
„Убеден сум дека секој од нас има доволна свест за својата безбедност. Верувам дека за оние исклучоци кои не се толку внимателни, потребни се и казни и санкции, но никогаш не се согласувам дека во нивно име другите се прогонувани и изнудувани за ситни пропусти, невнимание кое дури и не влијае на безбедноста.
Без да сакам да се мешам во независноста на судството, принцип кој постојано го промовираме, но кој во реалноста е сè уште многу далеку, сакам да упатам повик до судиите на Уставниот суд. Ве молам што поскоро да ја разгледате иницијативата што ја поднесовме пред неколку дена, каде што јасно ќе ги видите самите многуте причини за донесување одлука за укинување на законските измени на проектот „Безбеден град“. Свикајте ја седницата што е можно поскоро за да не дозволиме ниту еден ден повеќе компликации, да се издаваат казни и граѓаните да бидат ограбувани преку механизам за кој сме убедени дека на крајот ќе се покаже како неуставен. Да ги ослободиме граѓаните од оваа вознемиреност еден ден порано и конечно да ја затвориме оваа тема“, стои во јавната објава на Села.
„Безбеден град“ освен во Скопје Куманово и Тетово, ќе евидентира прекршоци и на Коридорите 8 и 10 д. Најавите се дека проектот ќе биде имплементиран на ниво на цела држава. Очекувањата на надлежните се дека „Безбеден град“ ќе го намали на бројот на сообраќајни прекршоци и изречени казни, Проектот за властите практично ќе биде насочен кон зголемување на безбедноста во сообраќајот, а не кон полнење на буџетот.
За пречекорувања на брзина казните се движат од 10 до 300 евра. За поминување на црвено глобата изнесува 250 евра. За непрописно запирање и паркирање казните се движат од 25 до 180 евра. За управување на возло без важечка регистрација се изрекува глоба од 500 евра.