Села и Алијанса ја прекинуваат соработката со ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
254 прегледи

Партијата Алијанса на Албанците денеска преку прес-конференција најави дека ќе ја прекине соработката со ВМРО-ДПМНЕ, откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска го разреши од директорското место во скопски „Комуналец“, Зуди Кока, член на АА и брат на Цуфи Кока, кој синоќа пукаше пред плоштадот „Скендербег“.

-Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на Груевизмот, сега со поддршка на ЛСДМ, лесно се читаат и се неподносливи за Алијанса за Албанците. Не дозволуваме да бидеме ниту дел, ниту жртви на вакви сценарија. Како резултат на последните случувања, ја прекинуваме соработката со ВМРО, не дозволувајќи повеќе да се навредуваат Албанците, велат од партијата.

Во текот на денот градоначалникот на Гостивар и потпретседател на АА, Арбен Таравари информира дека неговата партија ја завршува соработката со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

-Тој е член на Алијансата кој е разрешен, а ако е разрешен, завршува нашата приказна во Скопје. Ако е разрешен, треба градоначалничата да нѐ консултира нас и ова го кажувам во мое име, не партиско. Денеска ќе имаме состанок и тука завршува нашата соработка со Данела Арсовска. Таа го разрешила, а не ВМРО-ДПМНЕ, рече Таравари.

Арсовска ја правдаше својата одлука. Одговарајќи му на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, таа рече дека не може да се соработува со луѓе кои оправдуваат насилство и вооружени напади.

„Не ја разбирам ароганцијата и коментарите на господинот Таравари со самиот факт што нашата соработка заврши од синоќа. За кадровски решенија тој може да одлучува во Гостивар, а никако во Скопје. Со лице кое напаѓа, нема етички компас, оправдува насилство и напад со огнено оружје и поттикнува меѓуетнички тензии, нема основа за соработка“, рече Арсовска.

Слични содржини