За опозициската албанска коалиција меѓу Алијансата на Албанците и Алтернатива, новата коалициска влада меѓу СДСМ и ДУИ ќе биде нелегитимна влада и според нив станува збор за измама.
По тој повод тие за денес имаат најавено прес-конференција пред Собранието во 13 часот, на која ќе се обратат претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села и претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.
„Како прво е измамничка, затоа што и двете страни сериозно ги измамиле граѓаните и второ, е нелегитимна, затоа што партнер на оваа влада станува партија која насилно и манипулативно ја ограби политичката волја на Албанците. Прво, ДУИ измами што денес го прекрши единственото предизборно ветување за албанскиот премиер и второ, го измами СДСМ, која пред изборите рече дека „во никој случај нема да се формира коалиција со ДУИ“. Затоа, за нашата коалиција, оваа влада не заслужува никаков политички респект и, како таква, ќе се соочи со 12 пратеници и народ кој нема да дозволи измама и узурпација на политичката волја“, се вели во партиската реакција.
Тие додаваат дека „од утре се во офанзива“.
„Со сите демократски средства да ја вратиме демократијата, да престанеме со манипулацијата со политичката волја и да престанеме со измамата што виси како навика на главата на една земја која се стреми кон Европската унија“, соопштија коалициските партнери.