Се разгорува ситуацијата во Алијансата за Албанците. Конгрес свика и партиското крило на Зијадин Села. Тој го разреши актуелниот лидер Арбен Таравари и повторно стана претседател на Алијанса. Порача дека „секоја друга информација што кружи, различна од нивната е лажна со обид за измама и дефокусирање на членството“.
Од Статутарната комисија на Алијанса за Албанците велат дека конгресот на групата незадоволници е незаконски и сериозно го прекршува Статутот на партијата, бидејќи постапките на вонредниот конгрес на кој се одлучува за разрешување на претседателот на партијата ги води Комисијата. Четворицата членови велат дека учествувале на легитимниот конгрес на Алијанса за Албанците, на 16-февруари, под раководство на претседателот Арбен Таравари.
Единствениот член кој застана зад групата на незадоволни е Атнан Незири.
По одржувањето на Конгресот на Зијадин Села, нема коментар од Арбен Таравари за конгресот од крилото предводено до неговиот сопартиец Села и неговата евентуална смена.
Во петокот пак, исто така на вонреден конгрес на кој присуствуваше 421 делегат, крилото на Арбен Таравари го разреши Зијадин Села од функцијата претседател на Централното претседателство и го реизбра Таравари за лидер на Алијанса за Албанците.
Како што тврдат двете крила, двата партиски печати се кај двајцата претседатели. Се очекува да се поведе судска постапка пред Управниот суд за тоа кој ќе располага со нив односно и кој ќе биде легитимен претседател на партијата.
Таравари одлучи јавно да ја објави позиција дека се залага за обединување со албанската опозиција. Притоа, побара поддршка од партиските структури за соработка со веќе обединетите Беса, Алтернатива и ДД на Биљал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити.
Во меѓувреме Таравари најави дека ќе се кандидира за претседателските избори напролет и го предизвика лидерот на ДУИ Али Ахмети, да „ си ги измерат силите “ на претседателските избори.
Алијансата за Албанците е формирана во 2015 година. Во 2017 влезе во владина коалиција со СДСМ и ДУИ, но, за помалку од една година, партијата ја напушти власта и премина во опозиција. Во 2023 Алијанса повторно влезе во власта.