Села нема намера да влегува во Влада, му порача на Меџити дека има само една вистина

„Ги мерам моите достигнувања во политиката според тоа колку сум придонел за тоа Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта“, објави Села

од Nikola Popovski
42 прегледи

Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села ја исклучува можноста да се приклучи на владеачкото мнозинство. Ова следува по синоќешната изјава на еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити кој навести можен влез на Села во кабинетот на „Илинденска бр.2“.

Села тврди дека нема комуникација со Меџити, иако идниот градоначалник на Чаир го рече спротивното.

„Политичката сцена е толку измешана, рече Изет, но, не знае со кого комуницирал… Лагата е измешана, Изет, пропагандата и невистината.

Вистината е секогаш чиста и неизмешана, таа е само една и не може да има две или повеќе. И оваа вистина звучи вака: „Вие во комуникација со мене – НЕ. Јас дел од владата – НЕ. Јас на страната на оние кои сакаат да ги поништат нашите права како народ – НЕ“.

Повторувам уште еднаш, ги мерам моите достигнувања во политиката според тоа колку сум придонел за тоа Албанците да бидат порамноправни, а не според привилегиите на власта“, порача членот на коалицијата НАИ во објава на социјалните мрежи, истакнувајќи дека работата во парламентот ќе продолжи, но како што вели, лице в лице со Владата, за да се заштитат интересите на граѓаните Албанци.

Меџити синоќа не негираше дека дека дел од политичарите од коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, може да станат дел од Владата. Како што рече Меџити, тие комуницираат и дека политичката сцена се измешала. Како што вели, имало многу турбуленции по создавањето на двата табори.

Во врска со шпекулациите околу можноста лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села да се приклучи во Владата, Меџити рече дека не го исклучува тоа, бидејќи, како што додаде, политичката сцена кај партиите на Албанците, сега е измешана.

Меџити не исклучува Села да стане дел од власта