Претседателот на Алијансата за Албанците и пратеник, Зијадин Села ги отфрлил шпекулациите за поделби во Европскиот фронт. Тој ја истакнал својата лојалност кон ветувањето за политичката соработка.
Села додал дека без разлика на различната природа на партиите кои ја формирале коалицијата, заедничка цел останува да се постигне напредок и да се забрзаат уставните измени.
„Не знам зошто се поттикнува дебатата дека Европскиот фронт ќе се подели – очигледно тоа е сегмент од општеството кој ужива во поделби, но од моето политичко искуство знам дека кога давам збор, се држам до него. Ние се обврзавме дека ќе ја направиме оваа соработка или политичка формација и стојам на овој збор и немам намера да го прекршам пред другите партии кои членуваат, ниту пред 130-те илјади граѓани кои веруваа во нас како фронт.
Сепак, тоа не значи дека ја напуштаме нашата природа, бидејќи Фронтот е сојуз на различни партии, а на граѓаните им ветивме дека уставните измени ќе се спроведат, со оглед Северна Македонија нема време за губење“, рекол Села во гостувањето на „Клан дебата“.
Околу формирањето на Владата и поделбата на ресорите, Села нагласил дека на министерствата што се очекува да ги раководат од ВЛЕН им се одземаат ингеренциите, оставајќи ги без соодветно овластување за ефективно дејствување.
Тој додал дека ваквата состојба не им оди во прилог на Албанците.
„Укажувам дека на овие министерства за кои се шпекулира дека ги презема ВЛЕН им се одземаат ингеренциите и дека ќе завршат со министри кои немаат моќ. Не велам дека ова ни одговара, кога ќе имате ресори кои ќе ги водат Албанците, но на кои се одземени надлежностите, ова ги ослабува Албанците, затоа мислам дека треба да бидеме посвесни за политичкиот моментум“, рекол меѓу другото пратеникот во интервјуто.