Претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села смета дека коалицијата ВЛЕН воопшто не се прашува во Владата затоа што, како што истакна, станале дел од неа по милоста на ВМРО-ДПМНЕ, а не по заслугата на гласот и легитимноста.
Села смета дека ВЛЕН не се занимава со нејзината програма, но сепак алудира на изминатите дваесет години на владеење на ДУИ.
„Кога си дел од власта како губитник, кога не си дел од власта како победник туку си таму на милост и немилост на друга партија која те зеде, нормално е дека Албанците ќе ја имаат оваа позиција. Во многу институции воопшто немаме албански претставници. Ние би му помогнале на ВЛЕН, но тие не сакаат помош, велат 20 години вака, 20 години онака… Остави ги изминативе 20 години, со нетрпение ги очекувам вашите 20 години…“, изјавил Села за емисијата „Клан дебата“.
Села е дециден дека АА ќе остане негова партија.
„Арбен Таравари може само да го злоупотреби името на АА, а како негов основач жал ми е што гледам како се злоупотребува, бидејќи мотото на АА не било сервилност. Не мислам дека Таравари ќе ја земе АА, бидејќи колку побрзо имаме одлука, толку помалку ќе дозволиме да се оцрни името на партијата. Ги имаме овие судови што ги имаме, кога се решаваат овие предмети во судовите, секако дека има преседани, се обидуваат да ни направат одлагања, но нема да успеат“, рекол лидерот на Алијанса.