Лидерот на Алијансата за Албанците и дел од Европскиот фронт, Зијадин Села категорично ја отфрли секоја можност за спојување со партиското крило кое моментално го предводи Арбен Таравари. Тој во интервју за МРТ2 дал јасна порака дека вратата останува отворена за поранешните членови на АА кои се приклучија на Таравари, но не и за самиот министер за здравство.
„На членовите на АА кои отидоа со Таравари вратата им останува отворена, но не и за Таравари!“, потенцирал Села, нагласувајќи дека разликите меѓу нив не се само политички, туку и морални.
Според него, враќањето или сојузот со Таравари би претставувал „екстремен неморал“, имплицирајќи дека поделбата во партијата не е само прашање на стратегии или моментални интереси, туку длабока последица на политичкиот пристап и принципи.
На локалните избори одиме со посебни советнички листи и од таа одлука нема враќање назад, рече вчера Таравари. Додаде дека за сè друго се подготвени да разговараат со сите, а со премиерот Мицкоски со кого имале редовна комуникација ќе се сретнат, откако ќе се врати од пат.
Во врска со состојбите во ВЛЕН, потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека не очекува Таравари да преземе чекор со кој би коалицирал со опозициската ДУИ, затоа што тоа за него би значело политичко самоубиство.
Претходно опозициската СДСМ изрази сомневање дека владината коалиција се дестабилизира поради превирањата во ВЛЕН и одлуката на Таравари сам да настапи на локалните избори.