Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред почетокот на конференцијата „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“ која вчера се одржа во хотелот „Хилтон“ во Скопје, за можното коалицирање со партиите на Зијадин Села и Африм Гаши, Алијансата на Албанците и Алтернатива чии лидери присуствуаа на панел дискусијата на десничарските партии, изјави дека „ова е прв чекор и би сакал да кулмунира со заедничка коалиција пред локалните избори“.
Посочи дека десничарските конзервативни партии, сестрински партии во рамките на Европската народна партија заедно со пријателите во Македонија, Алијансата на Албанците и Алтернатива може да придонесат во иднина за брз напредок на државава во рамките на евроинтеграциите.
Лидерот на АА, Зијадин Села рече дека коалициите се градат „врз основа на доверба, сериозност на лидерите и одржување на зборот“.
– Ние сме заинтересирани да соработуваме и се разбира за овие работи ќе бидете информирани во иднина како што се наближуваат локалните избори, вели Села.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши рече дека доколку сега се подаде рака за соработка за општи интерес, тоа може да продолжи и понатаму.
– Кога ќе дојде фазата на организација на локалните избори ние ќе седнеме, најпрво со Села, потоа и со другите партии да видиме што е најдобро за нас Албанците, посочи Гаши.
На прашањето колку е прифатливо да соработуваат со ВМРО-ДПМНЕ после настаните на „27 април“, Села рече дека не му паѓа на памет во име на 27 април да ги амнестира погрешните политики на актуелната Влада.
Па затоа дел од јавноста со право го поставува прашањето дали Зијадин Села заборавил дека неговиот иден коалиционен партнер Мицкоски беше дел од толпата која насилно влезе во Собранието?
Дали заборавил дека поддржувачите и членовите на партијата со која коалицира повикуваше за „чиста Македонија“ и се обиде да ликвидира дел од пратениците за да го спречи падот на режимот на на својот претходник Никола Груевски?
Но најважно едали Села ќе коалицира со ВМРО-ДПМНЕ која бараше амнестија за неговите „џелати“?
Мицкоски пак изјави дека му е жал за тоа што му се случило на Села и му посака никогаш веќе да не му се повтори.