
Канадската поп пејачка Селин Дион објави дека планира нова светска турнеја, како и нов студиски албум со име „Courage“ инспириран од нејзиниот живот по смртта на нејзиниот сопруг, пренесува „Ројтерс“.
51-годишната пејачка ја објави веста за време на своја концертна изведба во Лос Анџелес, која беше пренесувана во живо на Фејсбук и гледана од над 11 илјади нејзини обожаватели во целиот свет.
Канадската пејачка, позната по песни како хитот „My Heart Will Go On“ од филмот „Титаник“, има спорадични настапи во Лас Вегас од 2003 година и минатата година објави дека нејзините концерти во градот ќе завршт во јуни 2019 година.
„Мислам дека е време за промени, време да тргнам на пат“, рече Дион.
Турнејата „Courage“, која ќе биде прва за американската пејачка во изминатите 10 години, ќе започне во Квебек, Канада во септември. Според Дион, албумот со ист наслов ќе биде објавен околу ноември, но не објави конкретни датуми за остатокот од светот.
Пејачката изјави дека насловот е инспириран од смртта на нејзиниот сопруг и менаџер Рене Ангелили во 2016 година, кој почина по борба со рак на грлото. Двојката има три деца.
„Кога го изгубив Рене, тој сакаше да се вратам назад на сцената. Сакаше да е сигурен дека ќе продолжам да ја манифестирам мојата страст“, рече пејачката и додаде: „Сакав да му докажам на него дека сум добро дека ние сме добро и дека ќе бидеме добро“.
Петкратната носителка на „Греми“ за последно направи концертна турнеја во 2007 година со својата „Taking Chances“ турнеја, која се претвори во една од најпрофитабилните за соодветната година.
Во 2018 година таа се појави во Азија и Австралија како дел од презентацијата на нејзиниот нов албум со нејзините најголеми хитови.
Нејзиниот последен албум, „Loved Me Back to Life“, беше издаден во 2013 година, а во 2016 година го издаде „Encore un Soir“ на француски јазик.