Селмани ја открива „тактиката“ на Алијанса: Или се спремаат за самостоен настап на изборите или оценуваат дека тешко ќе се остварат уставните промени, па со тоа се исцрпува и нивниот директен допринос во Владата

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Мислам дека влегуваме во некаква подготвка за наредните избори и овој вокабулар од страна на различните партии ќе почне уште повеќе да се нагласува. Моите информации говорат дека Владата добро функционира и во неа нема никакви недоразбирања. Партиите ги подготвуваат своите позиции за тоа како ќе настапат на наредните избори, вели во разговор за „Локално“, вели политичкиот аналитичар и поранешен министер, Имер Селмани за „огнените стрели“ меѓу двете партии од владината коалиција – Алијанса за Албанците и ДУИ.

Според него, АА веќе неколку недели наназад дава таки сигнали дека можеби е подобро за нив да одат самостојно на наредните избори.

-Веројатно таа порака ја добиваат и од нивните поддржувачи и нивните партиски структури и членството. Меѓутоа, тој концепт на расцепкување на гласачкото ткиво, особено за наредните избори е прашање колку е корисно и добро за државата, имајќи го во предвид фактот дека наредните избори се битни за иднината на државата, без разлика дали ќе имаме промена на Уставот пред или по изборите. Историски во смисла после стапувањето во НАТО, следната Влада реално државата треба да ја однесе на самиот влез или да интегрира во ЕУ. Ценам дека проевропскиот фронт кој назад неколку месеци се најавува, подразбира собирање на сите политички структури и партии околу идејата за европска перспектива и европската иднина. Секако дека таа идеја не мора да значи дека сите партии мора да бидат во една коалиција, но битно е дека после изборите тие проевропски партии веројатно први ќе се потрудат да направат коалиција за состав на идна Влада, истакнува Селмани.

Враќајки се наназад пред повеќе месеци, Селмани посочува дека главната причина за вклучување на АА во Владата беше нивната поддршка за европската иднина и интеграција на Македонија. Порачува дека нивното влегување беше за да се зачува европскиот курс на реформите и промените.

-Мислам дека Алијанса направи доволно и во делот на сите ресори и сектори кои што ги доби и успеа да направи доволно стабилно мнозинство за Владата да не биде посветена само на бројките, туку да се посвети и на обврските кои што треба да ги испорача. Сегашните вакви најави кои што и од Таравари ги слушаме, значат две работи: или се спремаат за самостоен настап на изборите или нивната проценка е дека тешко ќе се остварат уставните промени, па со тоа се исцрпува и нивниот директен допринос кон реформите и промените кои ни претстојат на европскиот пат, во овој состав на ова парламентарно мнозинство, анализира Селмани.

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу смета дека ДУИ треба да се „апдејтираат“ и да одат во опозиција. Тој рече дека не е здраво за граѓаните на една земја една политичка партија да биде на власт над 20 години. Неговиот партиски лидер, Арбен Таравари беше малку поостар. Во интервју за Еуроњус, тој ДУИ ја нарече „рак на општеството“. Од друга страна, министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи тврди дека коалицијата со АА функционира професионално и покрај сè почестите повици и јавно изнесени ставови од другата партија. Османи уверува дека комуникацијата меѓу коалициските партнери не е нарушена. „Во Влада немаме никакви разлики, најсоодветно комуницираме соработуваме сите министри дали Алијанса, дали ДУИ, дали СДСМ, така да апсолутно немам приметено никаква разлика во ставови или забелешки по однос на било кој од работењето на коалициските партнери и мислам дека тоа е важно, останатото нема да го коментирам, порача членот на ДУИ.

Н.П.

Слични содржини