Екс-министерот и актуелен аналитичар на состојбите, Имер Селмани смета дека по новата поделба во Алијанса за Албанците, од една партија која требаше да биде вистински антипод на ДУИ и да направи нова рамнотежа, таа се раситни. Според него, во партијата не било усогласено излегувањето од Владата.
-Двајца пратеници од петте не се со Арбен Таравари. ВЛЕН ќе продолжи да функционира со помал капацитет, но најбитно е за граѓаните, не се битни имињата, туку што сакаат да имаат стабилна Влада и да не се повторуваат избори на неколку месеци. Целата политичка елита во суштина треба помалку да се фокусира кој останува, а кој заминува. Секогаш има луѓе кои се мотивирани на различни начини да бидат дел од власта или од опозицијата, истакна Селмани во вестите на Тв Сител.
Тој смета дека во самата ВЛЕН, вицепремиерот Изет Меџити доби на вредност, кој што има поконсолидирана партиска структура.
-Ќе видиме како тој терен ќе го искористи. ВЛЕН најави дека ќе стане еден политички субјект. Не знаеме се уште на кој начин ќе биде – дали пред или после изборите. Ако Таравари има јасна визија како ќе функционира во опозиција и дали ќе профитира, во политиката сите чинители се создаваат за да бидат дел во власта – преку учество во власта се менуваат работите. Преминувањето кон опозиција малку е чудно. Најдобрата слика ќе биде на локалните избори, рече Селмани.