Несогласувања и „искри“ во коалицијата ВЛЕН на неколку месеци пред локалните избори. Еден од лидерите на коалицијата и министер за здравство, Арбен Таравари, иако првично негираше проблеми, завчера го критикуваше начинот на кој ВЛЕН функционира во Владата, оценувајќи го за „тром“ и со „многу недостатоци”. Оценува дека од внатрепартиските преговори треба да се излезе со посебна листа за советници на локалните избори, како неговата Алијанса за Албанците, така и другите партии од коалицијата. Исто така вели дека и останатите лидери на коалицијата имаат канали на комуникација со ДУИ, на што веднаш стигна демант од партнерите во ВЛЕН. По последното интервју на Таравари, сите три партии – Демократско движење, БЕСА и Алтернатива речиси синхронизирано, излегоа со соопштенија на социјалните мрежи во кои ги негираат наводите дека имаат комуникација со партијата од Мала Речица.
Што се случува во ВЛЕН?
Според поранешниот политичар и актуелен аналитичар на состојбите, Имер Селмани, до пред последната изјава на Таравари, имавме перманентни изјави од останатите лидери на ВЛЕН, но и премиерот Христијан Мицкоски дека коалицијата функционира и Владата е стабилна. Исто така имаше изјава дека институциите се функционални по барањето на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за лидерска средба.
-Ова што (завчера) го чувме треба да се анализира дали е едноставно рефлектирање на она што се случува во Владата или можеби е позиционирање сега пред локалните избори како и на кој начин ќе се настапи. Очигледно е дека Владата со 6-7 партии мора да има објективни тешкотии во делот на одлучувањето затоа што има многу партии внатре во самата комуникација и самото одлучување. Она што ценам е дека во периодот по трагедијата во Кочани и интензивната најава на премиерот и Владата за враќање на довербата на граѓаните во институциите и ресетирање на правниот систем, мислам дека овие внатрепартиски случувања не треба да им бидат приоритет ниту на самите политичари, а уште помалку на граѓаните, вели Селмани во разговор за „Локално“.
По обвинувањата за комуникација со ДУИ, соговорникот смета дека тоа е дискутабилно затоа што контакти и канали може да значи бивш министер со бивш министер или бивш функционери, имајќи во предвид дека сите партнери во ВЛЕН на ваков или онаков начин биле во одреден период партнери со ДУИ.
-Така што не знам на што мислеше Таравари. Тој не кажа експлицитно дека контактира со лидерот на ДУИ, Али Ахмети туку преку канали на комуникација што мислам дека е возможно. И да има такво нешто, мислам дека е на пониско ниво, а не на ниво на лидери на партии. Сепак, ние сме мала држава, сите се знаеме и сигурно тоа ќе се дознаеше многу порано. Како луѓе и пријатели и политичари, без разлика дали е власт или опозиција, добро е да има комуникација и тоа е здраво. Не треба да биде поделба па да нема ниту приватна комуникација без разлика дали некој е на власт или опозиција, оценува Селмани.
Поранешниот министер е дециден дека опцијата за поединечни листи за советниците на локалните избори на секоја од партиите не може да донесе подобар резултат затоа што резултатот на ВЛЕН на минатите парламентарни избори се должеше на заедничкиот настап.
-Настапот на коалицијата поединечно како партии, уште на старт ги става во погубна ситуација. Сепак тоа е нивно право како ќе настапат, можеби водејќи се од интересите на партиите како поединечен субјект. Ако зборуваме за ВЛЕН, секој глас им е добредојден и многу поголем ефект има во групата отколку поединечно, тврди Селмани.
За моменталната политика на Владата во која влегува и ВЛЕН и дали Македонија има шанси да влезе во ЕУ, ако ги земеме во обѕир уставните измени, екс-функционерот го повторува добропознатиот став дека клучот за почетокот на отворање на поглавјата се уставните измени.
-Немаме некој втор, трет или четврт проблем, освен што треба силно да се бориме за функционирање на правнатра држава, реформи во правосудниот систем и функционална држава. Меѓутоа, за влегување во „ходникот“ на кластерите се уставните измени и несомнено е дека за тоа немаме добиено друга алтернатива од ЕУ. Секако, нашата држава заедно со Албанија има сериозни шанси да биде член од европското семејство во 2030 година, но треба да ги исполниме нашите домашни задачи, заклучува Селмани.
Прашан дали има некакви сигнали од ДУИ дека би сакале да соработувате на локалните избори, Таравари веќе потврди и додаде дека сигнали има и со Алијанса и со другите партии од ВЛЕН.
-Сигнали има, секако дека има. Не дека има само со Алијанса, ДУИ сигурно има комуникација и со другите партии од Вреди. Тоа е неспорно и постојат такви информации, но тоа е небитно. Видете, друга опција, ако во Вреди не се договориме, останува сами да одиме на избори. На крајот на краиштата, ако дојдеме, излеземе со листа на советници, со кандидати за онаму каде што мислиме, ако одиме во втор круг, нормално дека би побарале поддршка – каде што ќе оди ДУИ, таму би побарала поддршка од Вреди, каде што нема да оди ДУИ, би побарале поддршка од ДУИ. Меѓутоа, ќе видиме, сега засега оваа опција е втора опција… Сега ги пуштивме пратениците, тие се поусогласени, да седнат, да се договорат. Тие направиле една драфт-верзија. Ако успеат со тоа – јас им кажав, само донесете дека сте се договориле, прв ќе сум што ќе гласам, рече еден од лидерите на ВЛЕН. Сепак, тој денеска истакна дека коалицијата не планира да излезе од Владата, иако повторно упати критики за неусогласеноста. Кажа дека не гледа брзо решавањето на прашањето за почеток на преговорите со ЕУ.„Без согласност со ВМРО-ДПМНЕ нема да се случат уставните измени“, додаде Таравари.
Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи во статус на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека ДУИ е стожерот на злото што ги зафати државата и Албанците.
-ДУИ е стожерот на злото што ги зафати државата и Албанците, овој политички труп му припаѓа на минатото и не може да биде иднина на Албанците. Нивното време помина – Албанците бараа и бараат политика со чисти раце, која ги штити нивните интереси, а не богатството на грст корумпирани и криминализирани политичари, напиша вицепремиерот.
Има ли место за Таравари во ДУИ? Прашање упатено до потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми. Во емисијата „Дејли клик“, тој рече дека секој што се оградува од планот кој има за цел дефакторирање на Албанците секако дека има поддршка од ДУИ.
-Секоја политичка партија што ќе се повлече од планот насочен кон дефакторирање на Албанците, секако ја има поддршката од ДУИ и оваа добро организирана, етаблирана сериозна структура во нашите редови, кажа Адеми.
Уште лани темите за вработувањето по етнички клуч и најавата за создавање на албанска Академија на науките и уметностите ги покажа првите несогласувања меѓу владините партнери. Новите пресметки на таканаречениот „Балансер“, според кој правичната застапеност во институциите се пресметува водејќи се од процентот на резидентното население во државата од пописот од 2021 година, а не како досега според процентот на етничка припадност на вкупно попишаното население, спречи 115 институции да добијат „зелено светло “ за вработување во јавната админстрација. Тоа беше поводот за првата кавга меѓу коалициските партнери, ЗНАМ на Максим Димитриевски и ВЛЕН. Вториот повод беше најавата за поддршка од Влен кон инцијативата во четири општини за формирање на албанска Академија на науки и уметности, нешто на кое се спротивставија коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и членови на Македонската академија на науки и уметности.
Н.П.