Семејството на бебето кое почина од туберкулоза живеело во добри услови, Народниот правобранител отвори случај

од Nikola Popovski

По извршениот увид од страна на стручниот тим од Центарот за социјални работи утврдено е дека семејството на деветмесечното бебе кое вчера почина од туберкулоза живее во добри услови, хигиената е на завидно ниво и дека тие не се корисници на социјална помош или детска заштита, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа информира дека веќе и Омбудсманот отворил случај и посочи дека наодите, мислењето и записникот којшто е направен од Центарот за социјални работи ќе му биде доставен на Омбудсманот и тој согласно нивните надлежности ќе си ја води постапката.

-Единствено додека живееле во Скопје, бидејќи мајката е од Шуто Оризари, биле корисници на надомест за трето дете. Во разговорите со едниот родител, таткото, бидејќи мајката беше во болница со најмалото дете, е утврдено дека и тој и мајката се грижливи. Тука не се утврдени пропусти во грижата на родителите, кажа Тренчевска.

Министерката посочи дека нивна обврска е сега да работат со семејството, со училиштето и со фирмата каде што работи таткото.

Вчера почина деветмесечното бебе кое беше болно од туберкулоза и неухрането. Бебето кое било предвреме родено, на 24 февруари беше примено на Детската клиника во Скопје во тешка здравствена состојба. Тежело само 3 килограми. Пред да биде донесено во скопската клиника, бебето било однесено во болницата во Куманово на детска хирургија за третман на хернија, но оттаму поради сомнеж за туберкулоза го препратиле во Козле.

Слични содржини