Хуманитарниот натпревар меѓу Вардар и Црвена Звезда, одигран на Арената „Тодор Проески“, привлече големо внимание, но изостанувањето на една од најзаслужните личности за неговата реализација, Дарко Панчев, не остана незабележано.
Панчев, заедно со Илија Најдоски, ја иницираше идејата за одигрување на мечот во чест на настраданите во трагедијата во Кочани. Тие беа главната врска меѓу двата клуба и одиграа клучна улога во организацијата на настанот.
Сепак, поради смртта на неговиот брат, Панчев не беше во можност да присуствува на натпреварот. Во овие тешки моменти за легендарниот напаѓач и добитник на „Златната копачка“ во 1991 година, делегација на Црвена Звезда, предводена од генералниот директор Звездан Терзиќ, го посети во неговиот дом, изразувајќи сочувство и почит.