„Инспекциите спиеле, децата не се разбудија“ и „Прошка нема, правда мора да има“, се дел од пораките испишани на транспаренти што ги упатија семејствата на починатите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“ на денешниот, петти протестен „Марш за ангелите“ во Кочани.
Учесниците на протестот што почна во 16 часот и 5 минути, симболично укажувајќи на задоцнетата институционална реакција, ја поминаа вообичаената маршрута од Паркот на Револуцијата, кон Трговскиот центар, зградата на Општината, Полициската станица и Основното обвинителство и Судот во Кочани. За разлика од претходните маршеви, денеска пред овие институции родителите молчеа.
На почетната точка од маршот во Паркот на Револуцијата беше упатена јавна забелешка за известувањето на дел од медиумите, како и за фотографија со родител на починато дете, за која била доделена награда.
Родителите на простестот уште еднаш побараа одговор од надлежните кој дозволил да настрадаат толкав број млади луѓе.
-Веќе не се плашиме од никого, освен од Бога. Затоа поставуваме прашање до министерот Тошковски и до премиерот Мицкоски кој им дозволи на демоните да ги убијат нашите ангели. Зборуваме јавно и гласно, не сакаме тајни средби, кога ќе добиеме одгoворот ќе бидеме смирени, рече мајка чиja ќерка починала во трагедијата.
Родителите нагласија дека ќе очекуваат правична судска постапка, за да има правда за нивните деца. Во спротивно, подготвени се своите барања да ги достават и до Судот за човекови права во Стразбур и ќе бараат поддршка од еминентни домашни и странски правни експерти и адвокати.