Семејствата на луѓето кои ги загубија животите во автобуската трагедија во Бугарија, денеска во допис до медиумите јавно прашуваат кого сака да заштити претседателот на Собранитео, Талат Џафери и зошто не дозволува собраниска истрага за случајот.
„Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ја бараме само вистината и правдата. За таа цел побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, иако ја свика претседателот на Комисијата, Халил Снопче, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја откажа“, се наведува во дописот.
Семејствата на жртвите потенцираат дека пратениците се народни претставници во Собранието и тие треба да бидат глас и поддршка за граѓаните.
„Ние ја бараме само вистината и правдата, а таквите одлуки ги цениме како обид да се сокрие истото. Денес, господинот Џафери уште повеќе ни ја отежна болката и јавно го прашуваме зошто му смета вистината, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага“, стои во дописот до медиумите.
Автобуската несреќа се случи на 23 ноември, на автопатот „Струма“, во близина градот Перник во Бугарија. Во автобусот на „Беса транс“ загинаа 45 лица, а седуммина беа повредени.