По веста дека Окружниот суд во Гитерслох ја намали затворската казна на Алсин Левент, кој на 20 јануари годинава беше осуден на три години и три месеци затвор поради обвинувања дека пијан и издрогиран ја предизвикал сообраќајната несреќа во која загина Шабан Шаулиќ, реагираше семејството на загинатиот пејач.
„Шокирани сме и сметаме дека пресудата е срамна, но немоќни сме да направиме било што. Веќе бевме незадоволни од претходната пресуда и дадовме приговор. Со оглед на тоа што не е усвоен, но и казната е намалена, покажува колку малку се цени човечкиот живот во Германија, без разлика кој беше тој и што правеше“, изјави семејството на Шаулиќ за „Нова.рс“.
За потсетување, сообраќајната несреќа се случи на 17 февруари 2019 година, на автопатот кај градот Гитерслох, во близина на Биленфелд.
Пијан возач го удрил одзади автомобилот во кој биле Шабан Шаулиќ, Мирсад Кериќ и Слободан Стојадиновиќ. Загинаа Шаулиќ и Кериќ, а Стојадиновиќ беше тешко повреден.