Семејството на убиената камерманка го тужи Алек Болдвин

од Nikola Popovski

Семејството на камерманката Галина Хачинс, убиена од случајно испукање на куршум на снимањето на вестернот „Раст“, ​​денеска го тужеше актерот Алек Болдвин, барајќи „значителна“ отштета, објавија адвокатите.

Во моментот на несреќата на 21 октомври минатата година, на ранчот во Санта Фе, Ново Мексико, Алек Болдвин држел револвер додека работел на истата сцена со директорката на фотографија Хачинс.

Оружјето му било дадено како сосема безопасно бидејќи требало да има само лажни куршуми, но револверот испука и ја усмрти 42-годишната камерманка.

Брајан Паниш, кој ги застапува нејзиниот сопруг и синот на Галина Хачинс, на денешната прес-конференција го истакна „опасното однесување“ на Алек Болдвин. Тој исто така рече дека за мерките за штедење на кои се одлучиле актерот и другите продуценти на тој нискобуџетен вестерн довеле до смрт на Хачинс.

Адвокатот изјави дека според него, во филмската индустрија важат „најмалку 15 критериуми“, кои продукцијата занемарила да ги примени за време на снимањето.

Адвокатот смета дека, на пример, требало да се употреби лажен револвер, а не вистинско оружје и дека во моментот на несреќата немало квалификувано лице да ракува со огнено оружје. Тој исто така изрази жалење што филмската екипа немала заштитна опрема, како што се прави при снимањето на некои сцени кога треба да пука од лажно оружје.

Тужбата е поднесена во државата Ново Мексико, каде што почина Хачинс, а таа е продолжение на бројни други граѓански постапки што ги покренаа членовите на филмската екипа во последните месеци.

Кривичната истрага се уште е во тек. Полицијата се обидува да открие како можела да се најде муницијата на снимањето, бидејќи таа е официјално забранета.

Засега никој не е уапсен за овој случај, но не е исклучено да има кривично гонење доколку се утврди нечија одговорност, соопшти полицијата.

Во интервју за телевизијата ABC, Алек Болдвин рече дека не се чувствува виновен, па дури и „одговорен“ за смртта на Хачинс и рече дека таа го замолила да впери револвер кон неа, при што се сметало дека тој е сосема безбеден.

Слични содржини