Семејството на усмртената Теодора: Имаме сомнеж дека позади пресудата стојат политика и мито

од Nikola Popovski
58 прегледи

Семејството на Теодора Ристевска, која пред околу две ипол години беше прегазена на пешачки премин во Тетово, објави отворено писмо до јавноста. Очекуваат и се надеваат дека Судскиот совет адекватно ќе постапи во врска со, како што велат, скандалозната и срамна одлука на тетовскиот судија Елведин Ферати кој во понеделникот го осуди обвинетиот Менсур Пајазити на две години затвор.

„Имаме сомнеж како семејство дека позади оваа пресуда стојат политика, мито и корупција. И натаму силно ќе се бориме за правда за Теодора. Исто така, јавно сакаме да прашаме зошто иницијативи како ‘Кој е следен’ немаат покажано никаков интерес за нашиот случај, а наводно се борат против трулиот и корумпиран систем. Ги немаше ниту на последното рочиште кога се изрече скандалозната одлука од само две години затвор за убиецот на Теодора“, стои во писмото.

Семејството изразува надеж дека јавноста и во иднина будно ќе продолжи да го следите судскиот процес за Теодора.

„Сметаме дека е доста од лажни иницијативи со скриени агенди каде жртвите се само средство за постигнување на туги цели и до толку повеќе уште еднаш јавно се заблагодаруваме на јасната и искрена поддршка на премиерот Мицкоски која очигледно дека и веднаш почна да дава резултати … Се надеваме дека будно ќе продолжите да го следите судскиот процес за нашата Теодора“, се додава во писмото.

Мицкоски побара од Судскиот совет да го разгледа постапувањето на судијата Ферати. Премиерот рече дека ваквите одлуки на судовите се причина за ниската доверба во правосудството и дека општеството со право изразува незадоволство. Порача дека лично ќе го следи овој случај и дека очекува секој што постапил спротивно на законите соодветно да одговара.

Ист повик до Судскиот совет стигна и од министерот за правда, Игор Филков. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски веќе информираше дека веќе се прави увид во предметот за да се утврди евентуална вина кај судот.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, причинителот кој ја прегази 22-годишната Теодора првично беше осуден на три години и шест месеци затвор. Апелациониот суд ја намали казната на две години, но Врховниот суд ги поништи пресудите и го врати случајот на повторно разгледување. Судот во Тетово повторно му одреди две години затвор на сторителот.

Слични содржини