СЕММ: За самоубиства не се информира, медиумите да не известуваат со сензационализам

од Nikola Popovski
223 прегледи

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) остро реагира за невнимателното и неетичко известување на медиумите околу самоубиство на ученик во скопската гимназија Корчагин.

СЕММ ги потсетува своите членки и сите медиуми на професионалните препораки кои строго дефинираат кога и како смее да се известува за вакви трагедии.

-Прво, строго правило е дека за самоубиства не се информира, оти стручњаците одамна ја имаат потенцирано опасноста и корелацијата меѓу информациите за самоубиствата и нивниот број, односно како тие објави влијаат врз луѓето кои се ранливи и се во опасност. Од нив, токму младите се најизложени на тој ризик.

Понатаму, доколку медиумите проценат дека се работи за исклучителен јавен интерес и дека информацијата мора да биде објавена оти отвора општествен проблем, тие во никој случај не смее да се повикуваат на неофицијални извори и/или да шпекулираат за можните причини. Информацијата мора да биде не само сериозно проверена, туку така и обработена, со фокус на анализа на големата слика, а не на конкретниот случај и/или експликација на подробности.

Имајќи ја предвид сензитивноста на темата, во своите пишувања медиумите исто така мора да се вклучат и во процесот на едукација на јавноста и превенција, а никако не да газат по линијата на сензационализмот.
СЕММ покрај на експертските препораки за известување за самоубиства, потсетува и на членовите 7 и 8 од Кодексот на новинари кои налагаат новинарите да ја зачуваат приватноста на личноста и да не известуваат со сензационализам во случаи на самоубиство, бидејќи станува збор за семејна трагедија, стои во соопштението од СЕММ.

Слични содржини