Дел од новинарските здруженија ја поддржуваат донацијата од АВМУ за ИРЛ и бараат да продолжи за повеќе медиуми, дел се против финансирање преку владини реклами и немаат информации за критериумите

од Nikola Popovski

Новинарските здруженија во земјава велат дека подолго време се залагаат за формирање на т.н. Фонд за медиумски плурализам, од каде што со средства од даночните обврзници ќе бидат овозможени разнородни медиумски проекти кои конечно ќе ја збогатат содржината на домашните телевизии, радија, весници и онлајн медиуми. Ова следува како реакција на одлуката дека медиумската организација Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) треба да добие пет милиони денари од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за проверка на фактите во предизборниот период. За оваа одлука на АВМУ да се спроведе се чека на позитивно мислење од Министерството за правда за постоење јавен интерес.

Здруженијата ја поздравуваат одлуката на АВМУ за донација. Од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за „Локално“ појаснуваат дека со овој фонд базиран на донации и гранотви се исполнува препораката на Совет на Европа со која Македонија како членка покажува грижа за медиумскиот плурализам, обезбедува поддршка пред сè за истражувачкото новинарство и прави напори да го задоволи јавниот интерес.

-За илустрација зошто е ова важно препораката вели: „За целите на зајакнување на медиумскиот плурализам, државите треба да развијат, во консултација со претставниците на медиумите и граѓанските организации, стратегии и механизми за поддршка на професионалните медиуми и квалитетното независно и истражувачко новинарство, вклучително и продукција на вести способна да одговори на различните потреби и интереси на групи кои можеби не се доволно застапени во медиумите.“

Во тие рамки, пожелна е секоја актуелна или идна поддршка, што се однесува на зголемување на квалитетот во македонското новинарство да биде искористена на квалитетен и мерлив начин.

Очигледно е дека во Македонија постои сериозна потреба за зголемување на квалитетот во новинарското известување, а особено за зголемување на капацитетите на истражувачкото новинарство и покривање на поширок јавен интерес. Очекуваме и го охрабруваме раководството на АВМУ, оваа почетна донација за нови квалитетни иновативни медиумски содржини да ја продолжи во различни активности на Агенцијата вклучувајќи поголем број на медиумски куќи но истовремено да ги застапува позициите на еснафските здруженија дека единствен механизам за поттикнување на квалитетна медиумска содржина е законско решение за Фонд за медиумски плурализам.

Укажуваме дека постојат низа модели на државна поддршка за јакнење на медиумскиот плурализам во голем број земји, во рамки на Европската Унија – од директни субвенции, даночни олеснувања, државно финансирање до грантови за промовирање на новинарство од јавен интерес. Ставот на ЗНМ отсекогаш беше дека, во согласност со трендовите на ЕУ, треба да се напушта непопуларниот концепт за финансирање на медиумите преку државни реклами, и наспроти тоа да се промовираат идеи со кои јавни фондови ќе се користат за промоција и подобрување на квалитетот на медиумските содржини и жанрови, а истовремено да се подобри и социјалниот стандард на новинарите и медиумските работници.

Кај нас досега се користеа субвенциите за печатените медиуми и финансиски олеснувања од АВМУ со кои се ослободуваа од плаќање или се намалуваа годишните парични обврски што телевизиите и радијата ги плаќаа за концесии, велат од ЗНМ.

Од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) порачуваат дека принципиелно со години се залагаат против финансирање на медиуми преку таканаречените владини реклами, пари кои не се користат за медиумските содржини и статусот на новинарите и медиумските работници, туку за влијание врз уредувачката политика.

-ССНМ се залага за таканаречен фонд за медиумски плурализам за кој ќе може да аплицираат сите медиуми и тоа под строги и прецизни критериуми, како за проектите кои ќе ги предложат, така и за начинот на трошење на парите. Сметаме дека во најголем дел средствата од тој фонд треба да бидат насочени за подобрување на социо-економската состојба на новинарите и медиумските работници, но и подеднакво за подобрување на квалитетот на содржините, посебно оние кои недостасуваат како што се истражувачките стории, стории за маргинализирани групи, односно за теми за кои ретко се известува, велат од ССНМ за „Локално“.

Поаѓајќи од премисата на ССНМ дека помошта за медиумите треба да биде насочена кон подобро новинарство и подобри услови за работа, велат дека се залагаат и за системско даночно ослободување за новинарите и медиумските работници со цел зголемување на нивните плати, инспирирано од примери какви што постојат во Канада и Франција. Според нив, и ова решение би било со строги критериуми поврзани со примањата на новинарите и медиумските работници и би имало заштитни механизми против злоупотреба.

-ССНМ нема информации по кои критериуми Агенцијата за аудио и аудио визуелни услуги донело таква одлука. Единствени сознанија што имаме е дека доделување на вакви грантови, како и разни ослободувања имало и во претходните години за низа други медиуми, појаснуваат оттаму.

За темата околу финансирањето медиуми од пари од даночните обврзници, од Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) велат дека долго време се расправа и за жал се уште не е на повидок законско решение по европски стандарди, во полза на квалитетното и одговорно новинарство.

Во однос на одлуката на АВМУ, порачуваат дека приоритет на СЕММ се заложбите и чекорите за поквалитетни содржини во медиумите во земјата и за што поодговорно новинарство, за медиумски продукти кои еманципираат и го засилуваат демократскиот капацитет на општеството.

-За оваа цел СЕММ долго време поддржува формирање на т.н. Фонд за медиумски плурализам, од каде што со средства од даночните обврзници ќе бидат овозможени разнородни медиумски проекти кои конечно ќе ја збогатат содржината на домашните телевизии, радија, весници и онлајн медиуми. Северна Македонија, по примерот на државите од Европската Унија е охрабрена да поддржува квалитетно, независно и истражувачко новинарство, при тоа почитувајќи ја уредувачката автономија на медиумот. СЕММ се залага оваа поддршка да се одвива во законски рамки, според квалитетот на понудата за медиумски продукти и пред се во заштита на јавниот интерес, стои во реакцијата на Советот на прашања за нашата редакција.

Во врска со донацијата, од Министерството за правда за „Локално“ одговорија дека се обратиле до Министерството за информатичко општество и администрација на 23-ти месецов со барање за добивање мислење, но до овој момент мислење оттаму не е добиено.

-Откако ќе се добие мислење,МП ќе изготви решение. Во врска со забелешките на медиумите зошто донацијата е дадена без јавен повик, тоа е прашање за донаторот, односно АВМУ, порачаа од ресорот правда.

„Локално“ испрати прашања и до МИОА за тоа дали ќе дадат мислење и како ја оценуваат одлуката на АВМУ, но до објавувањето на текстот, не добивме одговори.

Н.П.

Слични содржини