Дани Олмо летово пристигна во Барселона за 55 милиони евра и потпиша договор до 2030 година, но не може да биде пријавен до крајот на сезоната. Ова е одлуката на трговскиот суд во Барселона, кој ја одби жалбата на клубот на одлуката дека не може да се регистрира поради финансиски проблеми.
Рокот за пријавување на Дани Олмо за продолжението на сезоната е 31 декември, а шпанските медиуми пишуваат дека е многу тешко да се очекува дека Барселона ќе може да го пријави до тој рок.
Тоа значи дека Олмо нема да може да игра официјални натпревари до крајот на полусезоната, а доколку не биде пријавен, во јануари може слободно да бара нов клуб.
И тука се отвора приказната за сензационално сценарио според кое Дани Олмо би можел да стане најголемиот фудбалски предавник по Луис Фиго, кој ги шокираше сите со преселбата од Барселона во Реал Мадрид во 2000 година.
Така, новинарот на Марка, Хесус Санчез, во текстот под наслов „Флорентино, сега е време за магија“, го повикува претседателот на Реал Мадрид да ја искористи незавидната ситуација во Барселона и да потпише со Дани Олмо.
„Сантијаго Бернабеу наскоро ќе го загуби името, но сигурно е дека Флорентино Перез не ја изгубил острината кога се во прашање трансферите кои на почетокот изгледаат сосема невозможни. Со Фиго на светот му се претстави како волшебник, а потоа дојдоа Зидан, Бекам, Кристијано, Кака и Бензема, а малку подоцна и Мбапе кого го бркаше седум години“, пишува Санчез и додава:
„Секој друг претседател би се откажал од Мбапе пред две години. Флорентино не. Сега пазарот е отворен за можност за доведување на Дани Олмо. Додуша, за да се склучи оваа зделка, потребно е да се изведат одредени акробации, но…’
Факт е дека во Барселона владее тешка драма, а Реал има можност да му зададе уште еден тежок удар на омразениот ривал. И ако се укаже прилика, сигурно нема да ја пропушти.
Дани Олмо во Реал Мадрид? Реално, се случиле уште поголеми чуда, кога е Реал во прашање ништо не е невозможно…