Екипата на Виљареал се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите откако на реваншот во Минхен одигра нерешено со Баерн 1:1 (0:0). Тоа беше доволно по победата во првиот натпревар со 1:0.
Малкумина пред почетокот на овој дуел веруваа дека „жолтата подморница“ може да го исфрли Баерн. По победата во првиот меч се очекуваше тимот од Минхен да направи голем пресврт
Сепак, тимот на Виљареал се бранеше брилијантно и не им дозволи на домашните сериозна можност во првите 45 минути.
Баерн напаѓаше, се обидуваше, но безуспешно.
Во продолжение избраниците на Јулијан Нагелсман почнаа многу поагресивно и тоа даде резултат.
Ја одзедоа топката од противничката половина и таа стигна до Левандовски, кој уште еднаш покажа дека во моментов е најдобра „деветка“ во светот.
Се чинеше дека по тој гол германскиот шампион ќе ги скрши Шпанците, но играчите на Виљареал останаа мирни. Тие го чуваа својот гол, по што следеа контранапади.
Тренерот на Виљареал, Унаи Емери направи промена пред крајот и го стави во игра Чукувезе, а потоа следеше лудило.
Напаѓачот на Виљареал доби одлична топка зад грбот на одбраната, ја избегна офсајд замката и ја заби топката во мрежата на Ноер во 88. минута.
Драма следеше до крајот, но фудбалерите на Баерн не успеаја да постигнат гол.
Следеше големото славје на Шпанците, кои во полуфиналето ќе играат со подобриот од дуелот помеѓу Ливерпул и Бенфика. Првиот натпревар им припадна на Англичаните со резултат 3:1.