Сензорните соби се специјално дизајнирани простории наменети за деца со аутизам, со ментална неразвиеност, со сензорен хендикеп, со пречки во говорот, како и за деца кај кои е забележана дислекција и кои како последица на оваа потешкотија манифестираат невообичаено однесување.

Терапијата во сенозрните соби потсетува на игра, но секоја активност внимателно е осмислена и насочена за поттикнување на децата и овозможува стимулација на оние кои не реагираат на околината, кои не зборуваат и до кои не можеме да допреме.
Во сензорните соби на секое дете му се дава можност самостојно да го истражува просторот и да одбере катче кое најмногу му одговара.
Од пред некое време и во Општинското основно училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода отворена е сензорната соба, која ја посетуваа за 20-тина деца со посебни образовни потреби вклучени во редовната настава.
Во просторијата поставена е нова електрична инсталација, поставени се лед светла што позитивно ќе влијаат врз сетилата на децата со посебни потреби, а во делот околу осветлувањето поставен е и гипс картон. Во училницата се поставени и нови прозорци, подлоги за под и лепенки кои ги красат ѕидовите со јунаците од популарните цртани филмови.
– Треба да се знае дека сензорната соба не е игротека, туку во неа на конструктивен начин се остваруваат поставените цели во воспитно образовниот процес. Во неа учениците ќе создадат чувство на сигурност и смиреност, ќе се поттикнат на учење, ќе се подобри концентрацијата, ќе се подобри вештината на комуникација, ќе се подобри самоконтролата и во целост ќе се подобри квалитетот на живеење на детето, вели Велика Миленковска, дефектолог од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“.
– Преку различни активности во сензорната соба што се предизвик за децата, како и низ игра во опуштена атмосфера тие учат, напредуваат и применуваат поинакви начини на однесување за одредени ситуации, вели таа.
Додава дека при работата со децата во сензорната соба се користат сложувалки, фигури, букви, бројки… Се прават колажи, мозаици и се црта, и на тој начин се развива нивната фантазија, учат едни од други и се поттикнуваат на тимска работа.
За да се забрза процесот на учење на децата им се помага и со визуелни помагала, како што се карти со слики, со што се подобрува интеракцијата со дечињата кои имаат потешкотии во комуницирањето.
– Во сензорната соба секоја активност која наликува на игра има своја смисла, вели Миленковска и додава дека крајната цел е развивање на способноста на детето за самоорганизација.
Нормално е, вели таа, да се биде различен од друг.
– Треба да се почитува, разбере и да се цени различноста на учениците. Тие учат на различни начини и треба да им се даде поддршка во учењето – развој на физичките и менталните капацитети, стимулирање на аудитивните сетила, визуелните сетила, сетилата за допир, рамнотежа, зголемување на концентрација и внимание, учење, ангажирање во наставни и воннаставни активности, истакнува Миленковска.
Посочува дека родителите на дечињата кои ја посетуваа сензорната соба се многу задоволни, бидејќи средината е стимулативна и резултатите се видливи.
– Доколку постои соработка со родителите и она што ние го работиме во училиште продолжат да го практикуваат и дома по наши инструкции, тогаш успехот е неминовен на обострано задоволство, вели Миленковска.
Првите сензорни соби биле отворени во Холандија во 70-тите години од 20 век. Првобитно овие соби биле осмислени со цел да овозможат стимулирање на сетилата, да им овозможат на лицата со посебни потреби мир и да им помогне подобро да ја запознаат својата околина.
Истражувањата покажале дека кај децата кога се во сензорните соби се забележува намалување вознемиреност, стереотипното и агресивното однесување, а се поттикнува потенцијалот за развивање идеи./МИА
Даниела Маркоска Алексовска