Серена Вилијамс: Да бев на местото на Синер, ќе добиев 20 години казна

од Vladimir Zorba
78 прегледи

Најдобрата тенисерка на сите времиња, Серена Вилијамс, изјави дека ќе била суспендирана на 20 години и ќе ѝ бидле одземени сите Гренд слем титули доколку паднела на допинг-тест како што тоа беше случај минатата година со светскиот рекет број еден – Јаник Синер.

Да потсетиме, Синер прифати тримесечна суспензија во февруари откако постигна договор со Светската антидопинг агенција, која ја оспори одлуката на независен трибунал да го ослободи од неправилности по двата позитивни теста за анаболниот агенс „клостебол“.

„Го сакам тој човек, ја сакам оваа игра“, изјави Серена Вилијамс, која се пензионираше во 2022 година откако освои 23 Гренд слем трофеи, за магазинот „Тајм“, додавајќи: „Синер е одличен за овој спорт, му треба на машкиот тенис. Но, да го направев тоа, ќе добиев 20-годишна казна!“

Актуелниот победник на Австралија Опен и УС Опен, Синер, чија забрана истекува на 4 мај, продолжува да тврди дека е невин, иако неговиот случај покрена прашања за тоа дали добил повластен третман од спортските федерации.

Случајот со Ига Швјонтек, исто така, предизвика изненадување бидејќи светскиот рекет број два прифати едномесечна суспензија во ноември, откако беше позитивна на тестот за забранетата супстанција „триметазидин“.

Поранешниот светски рекет број еден, Симона Халеп, исто така, беше суспендирана и покрај тоа што негираше дека свесно го земала забранетиот лек „роксадустат“, а нејзината четиригодишна суспензија беше намалена на девет месеци во 2024 година по жалба до највисокиот спортски суд.

Серена Вилијамс, исто така, изјавила дека била особено внимателна за тоа што внесува во своето тело во текот на нејзината кариера.

Слични содржини