Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ќе изврши притисок врз Бугарија да започне процес на интеграција на С. Македонија во Европската унија, смета Даниел Сервер, експерт за Балканот од Универзитетот Џон Хопкинс.
Според него, САД ќе влијаат на Софија со цел да го решат прашањето со „апсурдните барања“ што Бугарија ги има кон Скопје, а кои се однесуваат на историјата и јазикот. Тие барања предизвикаа разочарување во многу европски метрополи, но и во Вашингтон, рече Сервер.
„Администрацијата ќе изврши голем притисок врз Бугарија. Само не сум сигурен дали некој во Софија ја слуша“, истакна американскиот експерт.
Бугарија веќе неколку пати одбиваше да го поддржи почетокот на преговорите за пристапување на нашата земја во Европската унија. Од Софија беше објавено дека Скопје не го спроведува билатералниот договор од 2017 година и дека ги саботира состаноците на заедничката историска комисија која работи на решавање на несогласувања за прашањето на заедничката историја на двете земји. Исто така, Бугарија бара од Северна Македонија да престане со говорот на омраза кон Бугарите и да не се промовира идејата за постоење на македонското малцинство во Бугарија.