Американскиот политички аналитичар, Даниел Сервер вели дека косовскиот премиер, Албин Курти знае што сака да постигне со барањето за промена на српските со косовски регистерски таблички, но порачува дека тоа мора да го направи „без да предизвика сериозни проблеми кои самиот не може да ги реши“.
Во интервју за порталот на српски јазик КосовоОнлајн, Сервер вели дека не верува оти има недостиг на комуникација меѓу САД и Косово, како што тоа го тврдат албанските опозициски партии во Косово.
– Не сум убеден дека има недостиг на комуникација (со Вашингтон). Премиерот Курти ги има своите идеи за тоа што сака да постигне, вели Сервер.
Запрашан за напуштањето од страна на Србите на косовските институции, Сервер изјави дека не смета оти тие можат да ги постигнат саканите цели бојкотирајќи ги легитимните институции.
Сервер, кој се смета за добар познавач на приликите во регионов, вели дека може да се очекуваат „компликации во северно Косово“ и порачува дека властите во Приштина мораат да водат сметка за последиците на нивните дејствија.
– Предвидувам дека ќе има компликации во северно Косово. Доколку Приштина сака да ги спроведе одлуките за табличките, треба внимателно да размислат како тоа да го сторат на ефикасен начин и без да создадат сериозни проблеми кои не ќе можат самите да ги решат, порача Сервер.