Балканот треба да стравува од промена во Белата куќа: „Некои од дестабилизирачките фактори во регионот ќе ги тестираат границите и црвените линии на Трамп“

од Nikola Popovski
403 прегледи

Изборната трка во САД влегува во финишот. Особено е напната атмосферата во сојузните држави каде што разликата меѓу Доналд Трамп и Камала Харис е мала. Повеќе од 60 милиони Американци ја искористиле можноста за предвремено гласање.

И двата табора водат енергична кампања за излезноста, бидејќи секој глас ќе биде важен. Американците поделени како никогаш досега. И републиканските и демократските поддржувачи ги сметаат овие избори како точка на пресвртница во која доколу победи другиот, нацијата нема да преживее.

И додека, американските граѓани со нетрпение ги чекаат претстојните претседателски избори, по неколкуте години неизвесност поради пандемијата, енергетската и економската криза, се чини и дека светската јавност со особено вниманието е насочена. Во Европа, се погласно се зборува, оти стариот континент ќе мора да се подготви за можното повторно враќање на Трамп.

Што би значело по безбедноста на Европа и Балканот евентуалниот „кам-бек“ на Трамп? Кои европски земји најмногу треба да се плашат? 

Мислам дека првенствено никој не би требалo да се „плаши“, тврди експертот за безбедност, дезинформации и комуникации, Емир Хасановиќ. Точно е дека, додава тој, визијата за европската безбедност е тотално различна во очите на претседателот Трамп и потпретседстелката Харис

Емир Хасановиќ

-Балтичките земји веќе се вокално загрижени на оваа тема, меѓутоа и покрај реториката на Трамп, Пентагон со децении ја гради безбедноста на Балтикот и во Централна Европа. Простор за паника нема, САД се сериозна држава со долгорочно стратегии кои не зависат исклучиво од желбата на еден поединец, вели Хасановиќ за „Локално“.

Запрашан дали иднината на европската и трансатлантската безбедност ќе биде загрозена преку Естонија, Литванија и Латвија, соговорникот оценува дека Балтикот од секогаш бил на висок старт по ова прашање.

-Мислам дека и сега тие се под константен притисок преку хибридни закани заедно со нивните соседи во централна Европа. Операциите Гоустврајтер и Допелгангер се само мал дел од арсеналот на Руската Федерација на оваа тема. Но токму поради тоа и нивната спремност да се справат како и системската и општествена отпорност се на тотално друго ниво од она што ние го знаеме во овој регион. Ќе бидат на мета, но верувам во нивниот капацитет да одговорат соодветно на заканите, објаснува Хасановиќ.

Според него, доколку стане претседателка, Камала Харис ќе го исполни своето ветување за континуирана посветеност на НАТО и ангажман во Европа, но, само треба да бидеме реални и да прифатиме дека Европа ќе биде само еден од приоритетит со оглед на ескалациите на Блискиот исток и на Јужнокинеското море.

-Потребен е активен ангажман од лидерите на стариот континент и вистинско државништво кое ќе одговори на овие историски предизвици. САД и во најдобар случај не би можеле да бидат единствен гарант за безбедноста на стариот контент. Европа мора да сфати дека има безбедносна одговорност сама за својот двор и се околу него, анализира експертот.

За ставовите на професорот од Универзитетот, Џон Хопкинс во САД и експерт за Балканот, Даниел Сервер дека „доаѓањето на Трамп веројатно би довело до поделба на Украина, по што би следела поделба на Косово, Босна и Херцеговина, Северна Македонијa… и нестабилност која, можеби, би предизвикала дури и војна“, Хасановиќ потенцира дека никој не е оптимистичен за Балканот и со право. Вели дека не би го коментирал Сервер, но, додава, точно е дека некои од дестабилизирачките фактори во регионот ќе ги тестираат границите и црвените линии на администрацијата на Трамп.

-Прашање е како ќе се одговори на тие провокации и тестирање во хипотетичка ситуација кога Трамп повторно би се нашол во Белата куќа. Сепак, ќе повторам дека крупни престројувања од страна на САД не очекувам, многу ќе биде поважно да видиме и како локалните актери ќе се снајдат во било кое од сценаријата, заклучува Хасановиќ.

За време на неговиот претходен мандат како претседател, Трамп често ги доведуваше во прашање основните принципи на НАТО, критикувајќи ги земјите-членки за нееднакви финансиски придонеси и поделба на товарот во рамките на алијансата. Оваа реторика сигнализираше потенцијално отстапување од недвосмислената поддршка што САД историски ја пружале на своите европски сојузници.

Оваа промена во ставот на САД, вели Пецо Трајкоски – безбедносен аналитичар, предизвика значителни загрижености кај земјите на источниот фронт на НАТО, како Полска, Естонија, Латвија и Литванија. Според него, овие нации, кои делат граници со или се во близина на Русија, историски биле претпазливи поради руските воени амбиции, особено во контекст на анексијата на Крим во 2014 година и тековните непријателства во Украина. Военото присуство на САД и безбедносните гаранции долго време се сметаат за суштински одвраќачи од потенцијални руски напади или хибридни воени тактики.

-Доколку Трамп се врати на функцијата и го продолжи својот претходен пристап, овие земји би можеле да почувствуваат зголемена ранливост и бидејќи нема промена во реториката, ќе мора да се соочат со предизвикот да ги преиспитаат своите национални безбедносни политики и да размислат за зголемување на сопственото трошење за одбрана, зајакнување на билатералните одбранбени сојузи со други европски нации или диверзификација на своите воени партнерства за да ја намалат зависноста од американската заштита, истакнува Трајкоски за „Локално“.

Пецо Трајкоски

Аналитичарот оценува дека промената на политиката на САД која би значела намалување на приоритетот на НАТО или намалување на ангажманот во рамките на алијансата би можела да создаде чувство на несигурност кај овие земји. Таква промена, според Трајкоски, би можела да ги охрабри руските амбиции да извршат поголем притисок во регионот преку различни форми на закани.

-Тоа може да вклучува хибридна војна, која комбинира конвенционални воени тактики со невоени методи како дезинформации и сајбернапади. Балтичките држави веќе имаат искуство со такви закани. Дополнително, руското воено позиционирање, како што е стационирањето на воени трупи на западната граница и честите воени вежби, може да се зголеми ако САД покаже знаци на намалена посветеност кон НАТО. Покрај тоа, трансатлантската безбедност би можела да се соочи со нови предизвици доколку се ослаби довербата меѓу НАТО членките. Единството на алијансата би можело да биде ставено на тест, што би го зголемило ризикот од недоволен одговор на потенцијални закани. Ова сценарио би можело да создаде средина каде што Русија би можела да се обиде да ја испита решителноста на НАТО преку директни или индиректни провокации, појаснува тој.

За потпретседателката Камала Харис, Трајкоски вели дека во својата кампања изразува посветеност за одржување на ангажманот на САД во НАТО и поддршка на европските сојузници.

-Нејзините говори и надворешната политика на САД под сегашната администрација ја истакнуваат важноста на колективната одбрана и партнерствата. Ако Харис стане претседател на САД, се очекува континуитет во поддршката на НАТО и зајакнување на трансатлантските односи, тврди безбедносниот аналитичар.

Стабилноста на Балканот во голема мера зависи од континуираната ангажираност на надворешните актери, особено на САД и Европската унија, кои обезбедуваат дипломатска и воена поддршка што делува како одвраќачка сила против потенцијални конфликти и надворешно мешање.

-Даниел Сервер проценува дека доколку САД усвојат поизолационистички став или го намалат своето учество во европските прашања, може да дојде до намалување на одвраќачката моќ против националистички движења и потенцијални надворешни влијанија, особено од Русија. Затоа, Балканот има причини за загриженост ако дојде до промена во Белата куќа што би резултирала со намалена посветеност на САД кон европските и регионалните безбедносни предизвици, заклучува Трајкоски.

Н.П.

Слични содржини