Ким Јо Јонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, изјави дека нема пречки за воспоставување поблиски врски со Јапонија и дека може да дојде денот кога јапонскиот премиер Фумио Кишида ќе го посети Пјонгјанг, објави денес севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Кишида, чија земја нема официјални дипломатски врски со Пјонгјанг, рече дека ја истражува можноста за средба со севернокорејскиот лидер за да се реши прашањето за јапонските цивили киднапирани во 1970-тите и 1980-тите, објави „Ројтерс“.
Ким Јо Јонг наведе дека коментарот на Кишида може да се гледа позитивно доколку има за цел да ги подобри меѓусебните односи.
„Ако Јапонија донесе политичка одлука да отвори нов пат за унапредување на врските засновани на взаемно почитување, моето мислење е дека двете земји можат да отворат ново поглавје од иднината“, истакна таа.
Ким додаде дека тоа е нејзино лично гледиште и дека, колку што знае, раководството на Северна Кореја нема конкретни планови за воспоставување односи со Јапонија, пренесе КЦНА.
Таа важи за најблизок соработник и советник на нејзиниот брат за надворешнополитички прашања.