Северна Кореја денеска истрела две балистички ракети со краток дострел во морето, источно од нејзиниот брег, соопшти јужнокорејската војска.
Ракетите биле истрелани од северната провинција Хвангае и прелетале околу 370 километри, соопшти Генералштабот на Јужна Кореја.
Ракетите најверојатно паднале надвор од ексклузивната економска зона на Јапонија, соопшти јапонската влада.
Денешното лансирање на ракети се случи, како што јави „Ројтерс“, пред пристигнувањето на американскиот носач на авиони УСС Нимиц и придружните бродови, кои утре ќе пристигнат во јужнокорејската база Бусан.
Јужнокорејската војска „остро ги осуди“ лансирањето ракети, оценувајќи ги како сериозна провокација и кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации, повикувајќи на итен прекин на таквите акции.
„Внимателно ќе ги следиме севернокорејските активности и ќе бидеме подготвени адекватно да одговориме на секакви провокации“, соопшти јужнокорејскиот Генералштаб.
Јапонската влада, исто така, упати „силен протест“ до Северна Кореја, велејќи дека лансирањето на ракетата претставува безбедносна закана.