Северна Кореја денеска ги обвини Соединетите Држави за воспоставување воен сојуз како НАТО во Азија, велејќи дека непоколебливата цел на САД да ја соборат севернокорејската влада го принуди Пјонгјанг да развие посилна одбрана.
„Додека непромислено одржуваат заеднички воени вежби со Јапонија и Јужна Кореја, Соединетите Држави преземаат целосен чекор кон формирање НАТО во азиски стил“, се вели во соопштението на севернокорејското Министерство за надворешни работи, пренесува „Ројтерс“.
Станува збор за неодамнешни воени вежби спроведени од американски, јужнокорејски и јапонски сили.
Соединетите Американски Држави одржаа и вежби со јужнокорејските сили во кои учествуваше американскиот носач на авиони, првпат по повеќе од четири години, потсетува британската агенција.
„Ова го докажува лицемерието на американската реторика на дипломатски ангажман и дијалог без предуслови, а во исто време открива дека нема промена во амбициите на САД да го соборат нашиот систем насилно“, се вели во соопштението на севернокорејското министерство.
Се вели дека треба да се направат сеопфатни напори за развој на уште посилна моќ, за да можат да ги надминат сите видови непријателски дејствија на САД.
Соединетите Држави инсистираат Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и постојано нудат да се сретнат со севернокорејските власти „во секое време без предуслови“ за да разговараат за ова прашање, додека Северна Кореја ја отфрли понудата.