Северна Кореја во вторникот се закани со неодредени одмазднички мерки откако Соединетите Држави прелетаа бомбардери Б-1Б над Јужна Кореја за време на заедничката воена вежба со јужнокорејските сили.
Јужнокорејското Министерство за одбрана соопшти дека вежбата има за цел да ги демонстрира заедничките способности за одвраќање како одговор на унапредувањето на нуклеарната програма на Северна Кореја, пренесе АП.
САД и Јужна Кореја редовно спроведуваат заеднички воени маневри кои ги опишуваат како одбранбени, додека Пјонгјанг овие активности ги смета за „подготовки за инвазија“.
„Неодамнешната воена акција на Соединетите Американски Држави и Република Кореја е отворена закана за безбедноста на нашата земја и сериозна провокација што ги подига воените тензии во регионот на исклучително опасно ниво“, изјави неименуван портпарол на севернокорејското Министерство за одбрана, пренесуваат државните медиуми.
Северна Кореја соопшти дека ќе ги „одврати американските агресивни обиди“ со силни средства пренесува Танјуг.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано го фали неговиот личен однос со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Кон крајот на март, Трамп го нарече Ким „многу паметен човек“ и рече дека постои комуникација меѓу двете земји, иако Пјонгјанг не одговори јавно и не се познати официјални преговори.