„Северна Македонија е третиот столб на надворешната американска политика на Западен Балкан“

од Nikola Popovski
376 прегледи

Најавената посета на земјава и Балканот на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар е одложена за после Нова година. Таа требаше да дојде во период кога на Косово има сериозни тензии и додека во Македонија се упатија засилени повици за борбата против корупцијата. Според првичната најава од Стејт департментот, Шоле во Скопје требаше да разговара со владини претставници за низа прашања, вклучително и за енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.

Со посетата евидентен е интересот на САД е за Македонија, но и практично за поширокиот регион на Западниот Балкан и тој е практично од независноста на нашата земја, вели за „Локално“ политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски, кога Американците јасно ставија до знаење, дека ова е нивна сфера на интерес, односно го трасираа патот за полноправно членство на земјите од екс Југославија, заедно со Албанија кон НАТО алијансата и кон Европската унија.

Според него, посетата на овие двајца високи американски дипломати, ќе оди во таа насока: да се прецизира и потенцира стратешкото партнерство со САД, да се упатат јавни и јасни пораки, кои реформи ќе бидат потребни за да ги исполниме потребните критериуми и дека Американците ќе бидат не само нем набљудувач, туку и гарант на целиот тој процес, во кој вложиле, не само време и енергија, туку и сериозни финансиски средства од даночните обврзници, односно од буџетот на САД. Тој потенцира дека двајцата американски дипломати очекуваат конкретни резултати, а не само фрази.

-После триесет годишно присуство на високата надворешна американска дипломатија и политика кај нас, веројатно, самите Американци се уморија од давање на празни ветувања за борба против корупцијата и организираниот криминал. На јасно се Американците дека корупцијатата е рак рана на ова општество и држава, и дека е можеби еден од клучните елементи кои го сопираат државно – правниот, но и економски развој на Македонија, вели Атанасовски.

Тој смета дека САД конечно работите ќе ги земат во свои раце, односно директно инволвирани со свои тимови и кадри ќе влијаат во расчистување на корупцијата и тоа, таа високата, во врвната политика. Бидејќи Македонија конечно треба да ги почне преговорите со ЕУ, а со ваков степен на корупција, ние ќе не може да го затвориме поглавјето 23,односно владеењето на правото и правната држава.

-И ќе даваме аргумент плус дека не сме спремни во устите на нашите не добронамерници во официјална Софија, кои ќе прават се и во иднина да го попречат наново европскиот пат на земјава, оценува аналитичарот.

Атанасовски очекува мрднување од мртва точка во однос на борбата против корупцијата.

-Доколку, Американците се навистина сериозни овој пат, сметам како најголем авторитетен фактор, на кој никој нема храброст да му се спротивстави, барем од доминантните политички партии и чинители, ќе има некаков напредок, односно мрднување од мртва точка на ова поле, и ќе добиеме некаков си напредок, нормално, не целосно искоренување на корупцијата. Но ако ова е само декларативна заложба од нивна страна, без да земат реално и проактивно учество во средување на состојбите во доменот на борбата против високата корупција и институционилизираниот организиран криминал, тогаш ништо нема да се смени, вели Атанасовски.

Тој порачува дека тоа може да дегенерира уште повеќе, бидејќи и покрај тоа што сме членка на НАТО алијансата и треба да ги започнеме преговорите со Европската унија, ако нашите политички елити видат дека нема кој да ги гони и казнува, тие и во децениите кои следат ќе си бидат корумпирани, а устите ќе им бидат полни со наводна и лицемерна борба против корупцијата.

-Тоа ќе биде најголемата трагедија за нас како држава и општество, дециден е соговорникот.

Со истото се сложува и политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ. Тој во разговор за „Локално“ вели дека официјалните лица на Стејт Депарментот доаѓаат во Северна Македонија со иста мисија и порака како и претходно, а тоа е мир во регионот и интеграција во Европската Унија.

-Сигурен сум дека ќе се разговара на низа од прашања, а воедно ќе се разговара и за корупцијата. САД е нашиот најголем стратешки сојузник, вложи преногу пари во едукација на јавни обвинители и судии, а ситуацијата „на терен“ со судиите и обвинителитети е катастрофална. Тоа е едно од прашањата за кои мислам дека ќе се разговара, посочува Јовановиќ.

Другите отворени прашања, според него, ќе бидат исти оние прашања за кои сите ние сме објективно загрижени: енергенсите, храната, животот, мирот, интеграцијата и, секако, влијанието на Русија во Западен Балкан.

-Јас не знам кој најмногу ќе „настрада“. Единствено што знам е дека Ескобар и Дерек Шоле ќе продолжат во Северна Македонија и премиерот Ковачевски да гледаат стабилен пријател, сојузник и репрезент. Ова мое мислење го темелам на односот на Владата према конфликтот во Украина, со јасна поддршка кон украинскиот народ; желбата за Уставни измени, грижа за демократијата, плуралноста и јасниот правец на земјата кон Европската Унија. Дури, би можел и вака да речам: Северна Македонија е „третиот столб“ на надворешната американска политика на Западен Балкан, потенцира Јовановиќ и додава „Ескобар знае дека постабилен партнер и пријател од премиерот Ковачевски, во овој контекст и овие констелации, нема да најде“.

Н.П.

Слични содржини