Северна Македонија за прв пат земја партнер на „Пролетниот Бјеловарски саем 2023“

од Vladimir Zorba
208 прегледи

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Платежната агенција Никица Бачовски, е во дводневна работна посета на Република Хрватска. Во рамките на посетата одржана е средба со министерката за земјоделство на Република Хрватска, Марија Вучковиќ и директорот на хрватската Платежна агенција Антун Вујиќ. На средбата е разговарано за зголемување на трговската размена помеѓу нашите пријателски земји и за ефикасно искористување на европските фондови за нови инвестиции во земјоделството и руралниот развој. Хрватската министерка Вучковиќ, ги пренесе нивните искуства за трансформација на „ЈП Хрватске шуме” во државна компанија “Хрватске шуме ДОО” и понуди соработка преку заеднички тимови кои ќе работат на исполнување на барањата за пристапните преговори на Северна Македонија кон европското семејство. Договорено е во наредниот период да се интензивира соработката со хрватски експерти што е од особено значење за нас, со оглед дека Хрватска е земја членка на Европската Унија. Искуството на хрватските колеги во агросекторот ќе биде од голема помош за пренесување на нивните искуства во областите на земјоделството и руралниот развој, безбедност на храната, ветеринарна и фитосанитарна политика, рибарство и аквакултура.

Министерката Вучковиќ и министерот Николовски денеска заедно го отворија 24. издание на Бјеловарскиот „Пролетен меѓународен саем за земјоделство, сточарство, стопанство и занаетчиство” кој ќе трае од 24-26 март. Саемот има долгогодишна традиција, а Северна Македонија за прв пат е земја партнер. На саемот присуствуваат над 400 изложувачи од 11 држави меѓу кои има и 6 македонски компании кои се претставија на посебен македонски изложбен простор.

Саемските манифестации се многу значајни за економијата и токму затоа македонското Министерство за земјоделство, од својот буџет издвојува средства за поддршка на 50 локални манифестации како и за најзначајните меѓународни саеми. Со наша поддршка, македонските компании имаат можност да ја претстават Северна Македонија во странство. Тоа придонесува да се отворат нови пазари, се градат нови бизнис релации, нова меѓународна соработка но и едукација, размена на искуства и знаења, откривање на нови можности и нови технологии.

„Она што е за мене најважно е пријателството кое се гради преку ваквите меѓународни саеми, што е подеднакво важно како и убавата енергија, мотивацијата и новите успешни бизнис приказни кои ја поддржуваат економијата на сите земји учеснички. Со поддршка на македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, пред посетителите на Бјеловарски саем ќе се претстават македонски компании со свои брендови, во кои се вткаени единствени македонски вкусови и традиција на македонското поднебје. Ја користам оваа можност да ве поканам сите, да го посетите македонскиот изложбен простор и да се запознаете со македонските брендови, а преку нив да ја почувствувате енергијата и сонцето на мојата земја. Ве поканувам да вкусите македонски вина, сувомеснати произвоиди, сушен македонски зеленчук, македонски ајвар и прочуениот македонски црвен пипер „Буковка”. Искрено се надевам дека тоа ќе биде дополнителен мотив да ја посетите Северна Македонија и да уживате во сите убавини со кои не дарувал Бог” изјави министерот Николовски на свеченото отворање на Бјеловарскиот пролетен саем..

Тој упати благодарност до Република Хрватска за континуираната поддршка за Северна Македонија на патот кон интеграцијата во европското семејство, се заблагодари и на поканата Северна Македонија прв пат да биде земја партнер на саемот и упати честитки до организаторите за нивното долгогодишно опстојување и градење на брендот на „Пролетен меѓународен саем за земјоделство, сточарство, стопанство и занаетчиство”.

Слични содржини