Скијачката сезона на Попова Шапка ќе започне на 15 декември најавија претставниците на ЕЛЕМ Турс и Министерстово за економија при денешната посета на ски центарот заедно со новинарите со цел да се видат новите потфати кои се направени во насока на модернизација на условите за скијање, патување и престој. Користењето на ски-лифтовите на 15 и 16 декември по повод почетокот на сезоната ќе бидат бесплатни.
-Во ски-центарот во изминатите седум месеци инвестиравме во неколку главни точки за подобрување на инфраструктурата за љубителите на спортот, за љубителите на скијањето. Ние имаме првпат градено јавни објекти во ски-центарот којшто беше долгогодишна потреба и побарување од страна на скијачите. Имаме изградено пет јавни тоалети и две модерни бачила, а инвестиравме и во новата патека за ноќно скијање. Истата се поврзува и со патеките околу шестоседот, продолжува до Церипашина, се спушта долу до Тетекс, па се до патеката „Св. Илија“, изјави директорот на ЕЛЕМ Турс, Адем Хавзиу.
Тој рече дека лично презел иницијатива да се активираат уште два паркинзи со што значително ќе се реши еден од поголемите инфраструктурни проблеми на Попова Шапка. Сега паркинзи ќе има кај хотелите Славија и Скардус што ќе значи можност за дополнителни 200 до 300 паркинг места.