СГИП: Македонските градежни работници „во низок старт’’ за работа во странство по отворањето на границите

од Берта Китинска
800 прегледи

Стојан П. работи како ѕидар веќе 12 години. Половина од досегашниот работен стаж го поминал во Германија, каде до почетокот на пандемијата заработувал околу 3500 евра месечно. Во родниот Штип се вратил заедно со голем број Македонци, откако се затвориле градилиштата на коишто работеле.

„Се вработив во градежна фирма во Скопје, каде заработувам 19.000 денари. Парите ги праќам дома, на семејството, но тие со нив едвај ги покриваат основните трошоци‘‘, вели Стојан.

Тој очекува дека границите повторно ќе се отворат кон крајот на летото, и сигурен е дека ќе биде меѓу првите кои ќе продолжат да работат во странство.

Според Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, овој случај не само што не е изолиран, туку е меѓу илјадниците слични. Очекувањата се дека во август од земјата ќе заминат голем број градежни работници.

„Најголемиот дел од нив ќе работат на градилиштата во Германија, Хрватска и Црна Гора и сите се веќе подготвени како во позиција на ‘‘низок старт‘‘ вели за Локално.мк Иван Пeшевски.

Тоа значи дека ништо не оставаат на случајност, односно во овој период веќе се имунизираат, а поголемиот дел од нив уште од порано имаат обезбедено бугарски пасоши.

Според Пешевски ваквата ситуација не е нова и трае со години.Во странство се помасовно заминуваат фасадери, армирачи, ѕидари, асфалтери, општи работници, водоинсталатери, електричари. Нивната одлука, вели тој, не треба никого да зачудува ако се земе предвид фактот дека работат во екстремни временски услови ( жешко, студено, ветровито) и тоа за плата која е далеку под просечната во земјата.

„Предложивме поголеми измени во Законот за работни односи и Законот за безбедност при работа, но засега не ги добивме. Исто така,превземавме напори да издејствуваме бенифициран работен стаж, поголема плата и додатоци на плата, но работите не се сменија‘‘, вели Пешевски.

Според него, платите на овие работници во Македонија тапкаат во место, додека во Европа тие се барем три пати поголеми. За работа во странство се подготвуваат и градежните инженери и архитектите кои и покрај завршениот факултет, но и работењето во секакви временски услови имаат месечни примања во износ од околу 30.000 денари.

„Затоа и не треба да не чуди што младите не се многу заинтересирани да се запишат во средно градежно училиште или пак да завршат градежен или архитектонски факултет’’ вели Пешевски.

Бараат полесна и подобро платена професија

Актуелната ситуација на теренот според него ја поткрепува проценката дека ситуацијата ќе станува уште полоша и дека Македонија ќе се соочи со сериозен дефицит на овие кадри.

„Државата треба да стави прст на чело и да се запраша до каде ќе одат работите. Градежниот сектор е главен двигател на економијата и затоа е неопходна поголема грижа за вработените во овој сектор’’, констатира Пешевски.

Како неприфатлив го посочува фактот дека работниците во градежниот сектор во просек заработуваат по 20.000 денари месечно, и тоа со вкалкулиран минат труд, додатоци на плата и прекувремени часови.

Оттука, вели „ сосема разбирлива е желбата да се замине за странство и да се заработи повеќе за себе и за семејството’’.

Досегашниот индеферентен однос на државата и градежните компании според него е последица на ставот дека македонските градежници лесно можат да се заменат со работници од Кина или од Индија.„Тука се лажат, бидејќи просечната плата во Кина е повисока од нашата‘‘, вели Пешевски.

Оттука, според него, нема основа ставот дека градежник од овие две држави би работел во Македонија за плата која е помала од онаа која може да ја заработи дома.

Во прилог на ова, ја посочува ситуацијата со кинескатата компанија „Синохидро’’ која работеше на изградба на автопатот Кичево- Охрид.„Кинеските рабоници работеа за повисока плата во која беше вкалкулиран и додатокот за работа во странство, додека нашите градежници кои беа ангажирани за истатата работа добиваа македонски , многу помали плати’’, вели Пешевски.

Според него, предвид треба да се земе и фактот дека речиси половина од градежните работници не успеваат да дочекаат пензија, а останатите мака мачат да го преживеат месецот поради исклучително ниските пензии.

К.В.С.

Слични содржини